Вести

Клонирано полициското куче Шерлок Холмс во Кина

20. март 2019 - 17:21 | А.С.

Научници во провинцијата Јунан во југозападна Кина наводно го клонирале најдоброто полициско куче во земјата познато како Шерлок Холмс, како дел од програма со која се надеваат дека ќе се скрати времето на обука и трошоците за тренинг на полициските кучиња.

Кучето клон Кунсјун го направија биотехнолошката компанија Sinogene со седиште во Пекинг и Земјоделскиот универзитет во Јунан, со поддршка од Министерството за јавна безбедност, објави државниот весник Global Times.

Sinogene се надева дека ќе постигне „масовно производство“ на клонирани полициски кучиња за да има значително намалување на времето за обука, рече заменикот на генералниот директор на компанијата Џао Ѓијанпинг за Global Times, но додаде дека трошоците за клонирање уште претставуваат голема пречка.

Кунсјун сега има три месеци и се очекува да почне со интензивна обука за откривање дрога, контрола на толпа и пребарување докази, а официјално ќе стане полициско куче кога ќе наполни 10 месеци, објави весникот China Daily.

Обуката инаку обично трае пет години и чини околу 500.000 јуани, без гаранција за успех, појаснува весникот, наведувајќи како извор експерт за животни од Земјоделскиот универзитет во Јунан.

Не е познато колку чини клонирањето на едно куче.

Јужнокорејски научници го направија првото клоирано куче во 2005 година и две години подоцна земјата почна да ангажира клонирани лабрадор ретривери за откривање дрога на Царина, објави China Daily.

Коментирај