Фудбал
СЕРИЈА А 2019/20

Клоп: Жал ми е за Сари и Конте, Лацио ќе биде шампион

17. февруари 2020 - 16:34 | Ф.З.

Стратегот на Ливерпул навива Лацио да го освои популарното Скудето и да го прекине дваесетгодишниот пост.

„Навивам за Лацио да ја освои титулата. Имаме поранешен играч на Ливерпул во трката за петарот таму, тоа е Лукас Лејва“, рече Клоп одговарајќи на прашањето на Rai Sport за тоа дали Јувентус или Инте ќе биде шампион. Лукас помина 10 сезони во Ливерпул од кои последните две под Клоп.

„И Чиро Имобиле беше мој играч кога играше за Борусија од Дортмунд“, додаде Клоп. Имобиле по одличната 2013/14 сезона во дресот на Торино кога постигна 22 гола се пресели во Борусија која тогаш ја водеше токму Клоп. Германскиот фудбал не му одеше, на 24 натпревари постигна само 3 гола по што реши да си замине. И не погреши.

„Жал ми е за Маурицио Сари и Антонио Конте, но мислам дека Лацио ќе биде големото изненадување. Тие играат неверојатна сезона“, заврши тренерот на Ливерпул.

Лацио последен пат беше шампион на Италија пред точно 20 години, во сезоната 1999/2000 кога го освои своето второ Скудето.

Клоп беше прашан и за можна преселба во Италија, но рече дека не е подготвен за таква авантура бидејќи не го познава јацикот.

„Ми се допаѓа Италија како земја, нејзината храна, времето, но за да тренирам таму треба прво да го научам италијанскиот јазик за што ќе ми треба година дена за добро да го совладам. Наскоро ќе дојдам во Италија, но на одмор, не како тренер“.

Коментирај