Книги

Книга: „Сенката на ветрот“ – Карлос Руиз Зафон

5. август 2014 - 12:22 | Билјана Стефановска-Богоеска

Романот „Сенката на ветрот“ (La sombra del viento)  е објавен во 2001 година од шпанскиот писател Карлос Руиз Зафон. Книгата е преведена на повеќе од 20 јазици, продадена во 15 милиони  примероци и објавена во 35 земји низ светот. Во 2008 година авторот го објавил продолжението со наслов „Играта на ангелот“ (El juego del angel). Руиз Зафон е еден од најуспешните шпански автори на денешницата.

Дејството во „Сенката на ветрот“, во издание на Матица, е сместено во Барселона по Втората светска војна. Започнува со главниот лик Даниел Семпере и посета на Гробиштата на заборавените книги, каде момчето одбира една книга за која мора да се грижи целиот живот.

„Ова место е тајна, Даниел, светилиште. Секоја книга, секој том што ќе го видиш, има душа. Душата на тој што ја напишал и душите на тие што ја прочитале и што живееле и сонувале со неа“.

Даниел ја одбира книгата „Сенката на ветрот“ од  извесен Хулијан Караш и оттогаш е во потрага по авторот. Никој никогаш не слушнал за Хулијан Караш, а момчето набргу открива дека постои човек кој трага по сите објавени книги на авторот и ги уништува доказите за нивното постоење. Тој морничав човек како сенка се провлекува низ животот на Даниел, тајно го набљудува и почнува да ги следи неговите чекори.

 Животот на момчето целосно се менува, а ликовите во романот постојано растат и се откриваат пред очите на читателот. Секој лик е и комплексен и поврзан со некоја мистерија која всушност е поврзана со главната мистерија за таинствениот Караш.

Зафон внел елементи на трилер, криминалистика, акција, фантастика, еротика и љубовна романса во романот што предизвикува вистинска експлозија од чувства кај читателот. Ништо не е онака како што изгледа, а на изненадувањата им нема крај.

Всушност, станува збор за приказна во приказна. Преку потрагата за вистината за Караш се отвора светот на младиот Даниел и неговата борба во животот. Низ текот на годините, Даниел создава пријатели и непријатели, се развива од дете во момче, се вљубува и за прв пат ја вкусува магијата на заљубеноста.

 Зафон создава два света на ликови во книгата – повоениот живот во Барселона преку ликот на Даниел и предвоениот свет на Хулијан. Тие два света потоа се прелеваат во еден кој ги поврзува двата ликови и создава нов, заеднички свет богат со заплети. Пресвртот на крајот разоткрива чудесна едноставност кај ликовите, додека приказната ја добива вистинската форма и сè се вклопува во совршена хармонија.

„Беатрис вели дека уметноста на читањето изумира многу полека, дека тоа е интимен ритуал, дека книгата е огледало и дека во неа можеме да го најдеме само она што веќе го носиме во себе, дека во читањето си ги внесуваме мозокот и душата, а дека тоа се богатства кои секојдневно стануваат сè поретки“.

Сенката како симбол на смртта метафорично ги разоткрива спомените од минатото кои си поигруваат со оние од сегашноста претворајќи ја иднината во нови спомени. Секој лик има свои сенки, свои спомени, своја приказна, минато од кое бега, спомени кои го прогонуваат.

„Сенка на ветрот“ е вистинско ремек-дело во современата книжевност, возбудлив роман во кој има две приказни, едната за несреќна љубов, другата за созревањето на еден млад човек и демоните од минатото, и двете проткаени низ сенките на спомените.

Коментирај