Филм & ТВ

Книгата „Bird Box“ добива продолжение, дали ќе има и филм?

20. март 2019 - 13:29 | А.С.

2018 година ќе биде запаметена по добри филмови, а еден од најуспешните и најгледаните секако беше „Bird Box“ на Netflix, иако излезе на самиот крај на годината, на 13 декември.

Светот полуде по оригиналниот филм на Netflix со Сандра Булок во главната улога и речиси секој кој го гледал филмот посакал да го види и продолжението, односно што се случува со Малори и децата во постапокалиптичниот свет.

Сега има надеж за тоа.

Филмот „Bird Box“ е снимен по истоимената книга на Џош Малерман и тој само што соопшти дека пишува продолжение, поттикнат од успехот на филмот. Дејството во романот насловен „Malorie“ се случува осум години по дејството во оригиналната книга.

Во интервју за Esquire, Малерман откри дека се чувствувал исто како и повеќето од нас на крајот на филмот – со 45.635 прашања во главата.

„На крајот на филмот се свртив кон мојата Алисон и ѝ реков ‘Сакам да знам што ќе се случи понатаму!’, а таа ми рече ‘Знаеш, ти си тој што може да го реализира тоа’ и ми дојде едно топло чувство“, рече тој.

„Светот на Bird Box е приказната на Малори и сакав да знам повеќе за неа. Сакав уште подобро да ја запознаам“, додаде тој.

Па, што ќе се случи во втората книга? Дали дејството продолжува таму каде што застана?

Малерман вели: „До некаде, да. Заминати се од местото каде што стигнаа. Сличноста е во тоа што пак се обидуваат да се снајдат. Дејството не почнува со нив во рајот“, откри Џош.

Ова е одлична вест за фановите на книгата, но и оние кои го обожаваа филмот имаат причина да се надеваат. Со оглед на успехот што го постигна филмот, Netflix најверојатно ќе ги купат правата и за продолжението. Сепак остануваат неизвесни многу детали, како на пример дали Булок ќе ја репризира улогата на Малори.

Книгата треба да има промоција на 1 октомври.

Коментирај