Живот

Коби Брајант почнал да користи хеликоптер за да поминува повеќе време со ќерките

27. јануари 2020 - 19:32 | А.С.

Коби Брајант почнал почесто да користи хеликоптер како превозно средство низ Лос Анџелес и околината за да го одбегне сообраќајниот метеж и да има повеќе време на располагање со неговите ќерки.

Ова го откри покојниот кошаркар во интервју во декември, 2018 година.

Коби загина синоќа во хеликоптерска несреќа во Калабасас, Калифорнија, на 41-годишна возраст. Во несреќата загинаа уште осум други лица, меѓу кои и неговата 13-годишна ќерка Џијана.

Во разговор со Алекс Родригез за подкастот The Corp на Barstool Sports, Брајант рече дека честопати губел време заглавен во сообраќај додека одел на тренинг со Лос Анџелес Лејкерс од неговиот дом во Оринџ Каунти.

Сообраќајниот метеџ исто така му пречел во распоредот за носење и земање од училиште или градинка на неговите ќерки  - Наталија (17), Џијана (13) и Бјанка (3).

„Сообраќајот почна многу да се влошува“, вели Брајант во подкастот. „Седам во метежот и се нервирам дека пропуштам школска претстава на децата... Морав да најдам начин како да стигнам на тренинг и да се фокусирам на работата, а тоа да не биде на сметка на времето што го поминувам со семејството.“

„Затоа почнав да се распрашувам за хеликоптери, за да можам да стигнам секаде за 15 минути“, вели кошаркаската легенда.

Неговата сопруга Ванеса Брајант (37) му велела дека таа ќе ги земе девојчињата од училиште, но Коби инсистирал дека сака да ги земе тој.

„Се случува да сме на пат и не ги гледаме децата подолго време... затоа ја користам секоја прилика да поминам време со нив, макар и 20 минути во кола.“

Коби и Ванеса имаат уште една ќерка, седуммесечната Капри.

Коментирај