Фит

Кога најмногу се дебелееме во животот?

27. ноември 2018 - 10:03 | А.С.

Има неколку периоди во животот кога треба да се посвети повеќе внимание на режимот на исхрана и физичката активност, за да не ставите неколку килограми повеќе од кои тешко ќе се отарасите.

За жените, ова се „критичните“ периоди во животот кога треба да бидат посебно внимателни:

Пубертет

Девојките природно добиваат на килажа во тинејџерските години бидејќи се зголемува бројот на масни клетки во телото. Во пубертетот се менува обликот на телото, следи првата менструација и телото почнува да таложи масти таму каде што му се потребни. На тинејџерите им се потребни повеќе калории отколку на возрасните бидејќи ова е период на засилен раст и развој. Тоа не треба да биде причина за загриженост, но родителите треба да ги поттикнуваат децата да развиваат здрав однос кон храната, да се хранат балансирано и да се занимаваат со некаква физичка активност. На тој начин ќе изградат и здрава слика за своето тело.

Заминување од родителскиот дом

Стрес, нови обврски, промена на исхраната (јадење повеќе брза храна и тестенини, помалку овошје и зеленчук, јадење „од нога“, нередовна исхрана), како и консумирањето алкохол влијаат врз наглото зголемување на тежината во периодот кога младите се иселуват од родителскиот дом, што најчесто се случува во студентските години. За да не паднете во оваа замка, научете да готвите неколку едноставни здрави јадења, внимавајте колку овошје и зеленчук внесувате во текот на неделата и секако, најдете време за вежбање.

Бременост

При здрава бременост, трудницата не би требало да добие повеќе од 10-12 килограми, особено ако пред да забремени имала нормална тежина за нејзината градба. Но, секоја жена и секое тело се различни и тоа треба да се има предвид. Сепак, внимавајте да не ја зголемите тежината премногу, што може да биде опасно и за вас и за вашето бебе и да ви предизвика компликации за време на бременоста и при породувањето. Мит е дека трудницата треба „да јаде за двајца“! Хранете се балансирано и трудете се да бидете што е можно повеќе физички активни, колку што дозволува вашата подготвеност и состојба.

Брак или почеток на заеднички живот со партнерот

Истражувањата покажале дека во првата година од бракот сопружниците се здебелуваат во просек по 2-3 килограми. Лесно е да се падне во „замката“ – препуштање на навиките и уживање во поголеми количества храна во домашна атмосфера со партнерот кој ве сака и го сакате. Кога луѓето живеат заедно голема е веројатноста и да готват почесто. Тоа е прекрасно, но внимавајте што, кога и колку готвите и колку јадете. Разгледајте здрави опции на вашите омилени јадења и почнете да грицкате овошје и зеленчук наместо слатки и соленки. Почнете и да вежбате заедно, во најмала рака одете на долги прошетки.

Нова „седечка“ работа

Треба да бидете горди на себе кога ќе се вработите и да давате најмногу што можете за да се докажете. Но, не го правете тоа на своја штета. Седечката работа придонесува за дебелеење и тоа најмногу на „ризичните места“, а масните наслаги наталожени со долго седење и малку движење најтешко се топат и со најнапорни тренинзи. Статистиката покажува дека канцелариските работници во првата година „качуваат“ во просек околу 3 килограми. Потрудете се да се храните поздраво и да се движите повеќе. Правете повеќе кратки паузи за раздвижување и ако можете, внесете неколку вежби во вашиот работен распоред.

40-тиот роденден

Кога сме во средни години, на нашето тело му треба помалку енергија отколку во младоста, а ние обично продолжуваме исто да се храниме количински. Како што старееме, природно опаѓа и процентот на масно ткиво (околу 8% на секои 10 години по 40-тата), па и метаболизмот се забавува и затоа ни е потешко да ја одржуваме саканата тежина и да го симнеме вишокот килограми. Јадете повеќе протеини и задолжително почнете да вежбате. Вежбите за сила се идеални на овие години. Исто така, не заборавајте да спиете квалитетно и непрекинато 7-8 часа ноќен сон бидејќи ненаспаноста е една од причините за дебелеење.

Коментирај