Авто новости

Кои автомобили ќе го одбележат саемот во Женева?

12. февруари 2018 - 21:11 | А.С.

За помалку од еден месец во Женева почнува најгламурозниот саем за автомобили на светот каде, како и секоја година, нѐ очекуваат бројни светски премиери. Позната е речиси целата постава.

За време на саемот во Арената Палекспо од 8 до 18 март  во центар на вниманието ќе бидат дел од најочекуваните модели на најпопуларните автопроизводители.

Aston Martin доаѓа со Vantage и нов V8 мотор, а Audi ќе го претстави новиот A6 и целосно електричниот SUV E-Tron.

BWM по X3 на светот ќе му го покаже и X4, а адутот на Citroen годинава е компактниот кросовер C4 Cactus.

Прв пат како самостоен бренд ќе дебитира Cupra, спортскиот оддел на шпанскиот производител SEAT, со своите први модели.

Ќе видиме како FIAT ќе ја претстави спортската верзија на семејниот автомобил Tipo, а нема да заостане Ford кој ќе ја претстави освежената Ka+, како и Edge, а најавена е и линијата ST.

Hyundai во Женева доаѓа со три автомобили – новата генерација SUV возила Santa Fe, електричниот кросовер Kona, како и еден концептуален модел чие име уште не е откриено.

Во Швајцарија конечно ќе дебитира и електричниот SUV  модел i-Pace на Jaguar, а Jeep Wrangler ќе има европско деби.

Премиера ќе има и третата генерација KIA Ceed, прв пат без популарниот апостроф во името, а се очекува и Lexus да го претстави својот најмал кросовер.

Mazda со Vision Coupe ќе го покаже новиот дизајнерски правец кон кој се стреми, а ќе ја видиме и Kai Concept, новата генерација на Mazdа 3.

Среќниците кои ќе бидат во можност да го посетат овој саем ќе ја видат во живо и најновата гордост на McLaren, P15 Senna, што го носи името на легендата на Формула 1.

Mercedes ќе привлече внимание со новата А класа, а ќе дебитираат и спортскиот AMG GT Coupe, а а прв пат во Европа ќе биде претставена G класата и тоа во моќната изведба G63 AMG.

Многумина со нетрпение го очекуваат најновиот концепт на престижното дизајнерско студио Pininfarina, како и најновиот хрватски хиперавтомобил Rimac Concept Two.

Каков нов СУВ модел подготвува Škoda ќе видиме благодарение на концептот Vision X, а и како е освежен моделот Fabia.

Коментирај