Фудбал

Кои се најголемите ѕвезди на СП 2018?

13. јуни 2018 - 16:30 | К.З.

Светското првенство во Русија започнува утре, а со тоа и фудбалската треска која цел месец ќе го „тресе“ светот. Секоја од репрезентациите доаѓа со различни амбиции, но и секоја од нив има по еден играч кој се смета за ѕвезда или најдобар играч од неговата земја и на него обично паѓа најголемиот товар.

Издвоивме 8 најголеми ѕвезди од првенството, по една од секоја натпреварувачка група и решивме да ги анализираме нивните постигнувања, таленти и учиноци, како и начинот на кој секој од нив може да влијае на играта на неговата репрезентација.

Група А

Мохамед Салах

Репрезентација: Египет

Датум на раѓање: 15 јуни 1992

Настапи за репрезентација: 57

Позиција: десно крило/крилен напаѓач

Клуб: Ливерпул

Малкумина би го сметале Салах за главна ѕвезда во оваа група доколу Мундијалот се одржуваше пред само една година. Но во оваа сезона Мохамед Салах стана суперѕвезда. Од рушењето на рекордот за најмногу постигнати голови во една сезона во Премиер лигата, преку давањето на победничкиот гол кој го пласираше Египет на СП во Русија, до пласманот на Ливерпул во финалето од ЛШ. Тој има сезона за паметење која ќе му остави само една сива точка – неговата повреда во финалето од ЛШ. Од Салах не се очекува да го однесе Египет до титулата на овој Мундијал, туку неговата задача е да ја одбрани честа на неговата нација и по можност да излезе надвор од групата, каде игра против домаќинот Русија, Уругвај и Саудиска Арабија.

Група Б

Кристијано Роналдо

Репрезентација: Португалија

Настапи за репрезентација: 150

Датум на раѓање: 5 февруари 1985

Позиција: крило/напаѓач

Клуб: Реал Мадрид

Ова би можело да биде последно СП за еден од најдобрите играчи кои некогаш стапнале на фудбалскиот терен. Кристијано Роналдо повеќе нема што да докажува, ниту на клупско, ниту на репрезентативно ниво. Тој ја заврши сезоната како освојувач на ЛШ, што за него беше четврти пат во пет сезони. Но, сепак тој ќе има задача да ја предводи Португалија до што повисок пласман на првенството, па со малку среќа можеби и до медал. Тој е најдобриот репрезентативен стрелец од сите играчи на ова првенство со 81 гол и со сигурност ќе сака да го подобри неговиот голгетерски скор на овој Мундијал. Откако Шпанија го отпушти селектор денеска, Португалија ја презема улогата на фаворит во групата Б, па ќе видиме дали тоа ќе го мотивира Роналдо.

Група Ц

Антоан Гризман

Репрезентација: Франција

Датум на раѓање: 21 март 1991

Настапи за репрезентација: 54

Позиција: напаѓач

Клуб: Атлетико Мадрид

Иако Пол Погба е најпопуларниот играч во француската репрезентација, сепак кога ќе започне мечот Антоан Гризман ја презема улогата на лидер на националниот состав. Тој вторпат ќе биде дел од едно СП, а во Русија ќе сака да го направи она што не му успеа во Бразил – да постигне гол. Француската репрезентација е во Топ 3 фаворитите на ова првенство, а присуството на Гризман во тимот би требало да е од голема помош за младата, но опасна репрезентација на „галските петли“.

Група Д

Лионел Меси

Репрезентација: Аргентина

Датум на раѓање: 24 јуни 1987

Настапи за репрезентација: 124

Позиција: офанзивна средина/крилен напаѓач

Настапите на големите репрезентативни натпреварувања за Лионел Меси секогаш се многу чудни. На почетокот неговата репрезентација фаќа залет и игра одлично, потоа најчесто се случуваат неколку повреди и со последни сили стигнуваат до финале, за таму да изгубат на несреќен начин. Меси се надева дека тоа нема да се повтори во Русија, каде аргентинската репрезентација стигнува во полна натпреварувачка сила и без повреди. Тој со тимот на Барселона ја освои шпанската двојна круна и би ставил совршен крај на сезоната доколку со Аргентина го освои трофејот од СП, што би било прва репрезентативна титула за оваа земја од 1993 година наваму.

Група Е

Нејмар

Репрезентација: Бразил

Датум на раѓање: 5 февруари 1992

Настапи за репрезентација: 85

Позиција: напаѓач

Клуб: ПСЖ

Пред 4 години во Бразил, целата нација беше сплотена во поддршка за репрезентацијата предводена токму од Нејмар. Иако имаше само 22 години, тој одигра одлично првенство сѐ додека Камило Зунига од Колумбија не му го повреди ‘рбетот. Во двата натпревари без него, Бразил беше поразен со 7:1 од Германија и 3:0 од Холандија. Сега, уште позрел и со подобра екипа околу него, Нејмар ќе атакува на титулата за повторно да ја донесе фудбалската слава во Бразил. Иако се повреди неколку месеци пред крајот на сезоната, тој се враќа здрав за овој турнир и заедно со Кутињо, Габриел Жезус, Тиаго Силва и останатите дава голема надеж за Бразилците дека повторно нивната репрезентација ќе биде онаа која последна се радува.

Група Ф

Тони Крос

Репрезентација: Германија

Датум на раѓање: 4 јануари 1990

Настапи за репрезентација: 83

Позиција: централен играч за врска

Клуб: Реал Мадрид

Никогаш не е лесно да се одвои само еден играч од репрезентација преполна со квалитет како што е германската, но сепак одлучивме тоа да биде Тони Крос. Што поради неговата популарност која се должи на играњето во Реал Мадрид, што пак поради влијателноста на теренот. Секогаш кога тој не е дел од составот, клубот и репрезентацијата како да се распаѓаат, што е очекувано со оглед на тоа што тој е веројатно најдобриот плејмејкер во светот. Ова е второ Светско првенство за Тони Крос, а на првото кое настапуваше тој беше и најдобриот играч на теренот за Германија, покрај Мануел Нојер. Дали ќе може Германија да го повтори успехот од пред 4 години? Останува да видиме во наредниот месец.

Група Г

Еден Хазард

Репрезентација: Белгија

Датум на раѓање: 7 јануари 1991

Настапи за репрезентација: 85

Позиција: офанзивен играч за врска, крилен напаѓач

Клуб: Челзи

Белгиската репрезентација повеќе од 5 години се споменува како еден од фаворитите за големите национални турнири, но никако да стигне до висок пласман. Тоа би можело да се смени во Русија, каде Белгијците одат со поискусен, подобро подготвен состав и со лидер на репрезентацијата како Еден Хазард. Тој во последните 3 сезони е постојано помеѓу најдобрите играчи во светот и не е чудно што Реал Мадрид сака да го донесе во своите редови. Ако Хазард игра како што се очекува од него, тогаш Белгија има одлични шанси за висок пласман, па дури и за медал на овој Мундијал. Во спротивно, ќе имаат уште една епизодна улога на репрезентативните турнири.

Група Х

Роберт Левандовски

Репрезентација: Полска

Датум на раѓање: 21 август 1988

Настапи за репрезентација: 95

Позиција: напаѓач

Клуб: Баерн Минхен

Капитенот на репрезентацијата на Полска е најдобриот стрелец на оваа земја со 55 гола, а е подеднакво опасен и во клупските настапи. За време на квалификацискиот циклус за СП 2018, тој постигна 16 гола и ги собори рекордот кој дотогаш го држеа Кристијано Роналдо и Предраг Мијатовиќ со по 14 гола. Зад себе остави сјајна сезона во која ја освои титулата во Бундес лигата и признанието за најдобар играч во првенството. Ако Полјаците излезат од групната фаза (што личи многу веројатно, со оглед на слабата група), Роберт Левандовски ќе запише уште еден мал успех во неговата и онака богата кариера.

Коментирај