Фудбал

Кој е Марко Џампаоло: Фудбалски гениј или уште една промашена идеја на Милан?

20. јуни 2019 - 12:32 | К.З.

Последните неколку години беа бурни, но и разочарувачки за фановите на Милан, кои гледаа како клубот менува сопственици како чорапи, а ретко добиваа шанса да се израдуваат на успеси. Новото раководство предводено од Паоло Малдини и Иван Газидис реши да ја отпушти клупската легенда Џенаро Гатузо од тренерската позиција и го назначи довчерашниот анонимус за кежуал фудбалските љубители, Марко Џампаоло.

Навивачите на Милан никогаш нема да го заборават летото 2012 година, кога започна стрмоглавиот пад на нивниот омилен клуб, што беше иницирано од продажбата на Златан Ибрахимовиќ и Тијаго Силва во ПСЖ. Оттогаш, Милан само двапати обезбеди учество во Лигата на шампионите и освои само еден трофеј – оној од Купот на Италија.

Откако Силвио Берлускони го продаде клубот во 2017 година на кинески сопственици, некогашниот италијански гигант забележа маестрален пад. Кинескиот газда беше фатен во лага – лажеше за неговото богатство и средствата кои тврдеше дека ги има, што резултираше во вистински дебакл за Милан. Набрзо потоа, клубот беше купен од американската корпорација Elliott Management, која веднаш ја започна револуцијата во Милано, назначувајќи го Леонардо за спортски директор, а Паоло Малдини за директор за развој. Работите се променија, но резултатите стагнираа и новите сопственици повторно решија да „го протресат“ клубот со нови назначувања на извршните позиции. Пристигна Иван Газидис од Арсенал, кој го презема местото на извршен директор, што го натера Леонардо да си замине од клубот, а Паоло Малдини го презема неговото место. Следниот чекор беше назначување на нов тренер, а изборот падна на неочекуван човек – Марко Џампаоло, дотогашниот тренер на Сампдорија.

Заминувањето на Масимилијано Алегри од клупата на Милан отвори простор за многу просечни и потпросечни тренерски имиња кои само се редеа на кормилото на тимот без некои особени резултати – Кларенс Сидорф, Филипо Инзаги, Синиша Михајловиќ, Кристијан Броки, Џенаро Гатузо, Винченцо Монтела... сите тие добија шанса и сите беа отпуштени во експресен рок. Сега, Марко Џампаоло изгледа како добро промислен, инспиративен потег на новото раководство, кое има намера да го врати миланскиот клуб на европскиот врв.

Џампаоло низ годините стана препознатлив како иновативен тактичар и одличен мотиватор кој знае да го извади максимумот од неговите играчи, а првиот впечаток е дека токму тоа му требаше на Милан сите овие сезони. Овој 51-годишен тренер роден во Швајцарија со години работи во италијански клубови и одлично го познава фудбалот во Серија А, а неговото предводење на Сампдорија го препорача на повеќе клубови, како Рома, Интер и секако, Милан.

Неговата вредност за Сампдорија се покажа како огромна кога тој успеа да го направи 36-годишниот ветеран Фабио Кваљарела прв стрелец во Серија А (26 гола), а Јоаким Андерсен и Денис Прат едни од потенцијалните ѕвезди на претстојниот трансфер период. Пристапот на „тотален фудбал“ често знаеше да му се одбие од глава, за што сведочат и 51-от примен гол во изминатата сезона. Но, тоа не треба да е показател за работата на Џампаоло, бидејќи во Милан тој сигурно ќе располага со многу подобар состав кој е технички и физички доминантен од оној во Сампдорија.

„Марко Џампаоло е фудбалски маестро. Тој е еден од оние тренери кои се сценаристи и режисери“, изјави Ариго Саки, можеби најдобриот тренер кој некогаш стапнал во италијанскиот фудбал.

Милан уште одамна сонува за враќање на популарната 4-3-1-2 формација, со која Карло Анчелоти го покори светот на фудбалот во 2000-тите со овој клуб, освојувајќи две титули во Лигата на шампионите од трите финалиња во кои се појави. „Милан е најголемиот италијански бренд по пицата и мафијата, ние играме офанзивен фудбал и луѓето го бараат тоа од нас“, изјавуваше на неколкупати Силвио Берлускони, а Џампаоло пристигнува во Милано за да го врати ваквиот имиџ на клубот. Кај него не се важни цените или имињата на играчите, туку нивниот профил, што значи дека Милан веројатно нема да инвестира во големи ѕвезди за засилување на тимот, туку во играчи кои му се допаѓаат на новиот тренер.

„Италијанскиот Гвардиола“, како што го нарекуваат италијанските медиуми, може да биде полн погодок или ново колосално промашување на раководството на Милан, но навивачите се оптимисти дека со него клубот повторно ќе застане на цврсти нозе и ќе го надмине „црниот период“ кој трае веќе шест сезони. Едно е сигурно – новите сопственици на Милан немаат големо трпение и нивниот фитил е краток, така што Џампаоло ќе биде на работ на столчето уште од самиот почеток на ангажманот.

Коментирај