Свет

Кој е Пит Бутиџиџ, првиот геј кандидат за претседател на САД?

18. јуни 2019 - 11:18 | А.С.

Еден од кандидатите на следните избори за претседател на САД, Пит Бутиџиџ (37) може да стане најмладиот претседател во историјата на земјата, но исто така и првиот претседател кој е отворено геј.

Но, Бутиџиџ, кој се бори за кандидатура од редовите на демократите, смета дека нема да биде првиот претседател на САД кој бил хомосексуалец.

Во интервју за ТВ-каналот HBO, беше прашан што мисли за критиките дека е „премногу млад, премногу либерален и премногу геј“ за да биде првиот човек на државата, а тој одговори дека ќе објасни во која насока сака да ја води земјата.

„Луѓето ќе бираат личност која ќе биде најдобар претседател и сме имале одлични претседатели кои млади дошле на функцијата, сме имале одлични претседатели кои биле либерални. Претпоставувам дека најверојатно сме имале одлични претседатели кои биле хомосексуалци“, одговори Бутиџиџ.

Според неговата изјава, речиси е извесно дека тој смета дека пред него имало претседатели хомосексуалци, но дека тоа не го покажувале отворено.

Според истражување на Правниот факултет во Калифорнија од 2018 година, во САД 4,5 отсто од популацијата се идентификува како ЛГБТ.

„Мојот ‘гејдар’ (радар за детектирање хомосексуалци) не работи најдобро ни во реално време, па не ретроактивно. Но, слободно може да претпоставиме дека било така“, рече Бутиџиџ.

Бутиџиџ, кој е градоначалник на Саут Бенд во Индијана od 2012 година, се декларираше како хомосексуалец во 2015 година пред да биде избран за градоначалник по втор пат.

Тој е во брак со Честен Глезман, професор во средно училиште, кој ќе стане првиот џентлмен на САД ако Бутиџиџ стане претседател.

Интересен податок е што кога се појави на поголемата политичка сцена, новинарите имаа многу проблеми со изговарање на неговото презиме, а тој вели дека луѓето најчесто го викаат „градоначалникот Пит“.

Коментирај