Загрижувачкиот раст на бројот на случаи на рак на дебелото црево кај младите ги поттикна научниците да истражат кои фактори на ризик се најважни.
Новото истражување на Универзитетот во Калифорнија открива дека луѓето кои живеат во сиромашни населби и оние без здравствено осигурување имаат значително поголема веројатност да умрат од болеста пред 50-тата година од животот.
Истражувањето следело повеќе од 20.000 пациенти дијагностицирани со рак на дебелото црево, на возраст од 18 до 49 години, во период од четири години. Резултатите покажаа дека луѓето од посиромашните заедници, кои имаат послаб пристап до здравствените услуги, честопати не ги вршат прегледите навреме. Ова му овозможува на ракот да се шири пред да биде дијагностициран.
Најголем ризик е забележан кај Хавајците и жителите на пацифичките острови кои имале 34% поголеми шанси да умрат од оваа болест во споредба со другите. Афроамериканците имаат 18% поголем ризик, додека за хиспанското население ризикот е зголемен за 15%. Истражувачите веруваат дека главните причини за овие разлики се економската нееднаквост и послабата достапност на здравствените ресурси.
Ракот на дебелото црево често нема јасни симптоми во раните фази, што го отежнува раното откривање. Сепак, експертите предупредуваат на следните знаци кои не треба да се игнорираат:
- промени во навиките на дебелото црево,
- крв во столицата
- слабост и замор
- губење на апетит
- абдоминална болка или грчеви,
- гадење и повраќање.
Експертите веруваат дека седентарен начин на живот, зголемената потрошувачка на ултраобработена храна и алкохол може да го поттикнат развојот на рак на порана возраст. Дополнително, се истражува како изложеноста на антибиотици во детството и промените во цревниот микробиом може да влијаат на развојот на рак на дебелото црево.
Онкологот Паштон Каси ја нагласува важноста на едукацијата и превенцијата. Клучните совети вклучуваат:
- редовна физичка активност
- здрава исхрана богата со растителни влакна,
- намалување на внесот на алкохол и избегнување на пушење
- избегнување на ултраобработена храна.
Исто така, раното препознавање на симптомите и редовните прегледи се клучни за намалување на ризикот и откривање на ракот во најраните, излечиви, фази.
Резултатите од истражувањето укажуваат дека е неопходно подобро да се прилагодат здравствените програми и ресурси со цел да се намалат нееднаквостите во преживувањето. Авторите на студијата заклучуваат: „Нашите податоци ја нагласуваат важноста од отстранување на бариерите за пристап до нега за да се обезбеди правичност во преживувањето на ракот што ги загрозува животите на луѓето во нивните најпродуктивни години“.