Фудбал

Кој ќе го наследи Венгер: Главни фаворите се Роџерс, Анџелоти и Виера

21. април 2018 - 12:06 | М.Д.

Откако Арсен Венгер најави дека ќе замине од клупата на Арсенал на крајот од оваа сезона, се отворија шпекулации околу неговиот наследник, а меѓу главните фаворити влегуваат Брендан Роџерс, Карло Анџелоти и Патрик Виера, пишува Sky Sports.

Венгер одлучи после 22 години престој во лондонскиот клуб да ја напушти тренерската клупа, а останува да видиме дали тоа ќе значи и крај на неговата тренерска кариера.

Тој во текот на својот престој во Арсенал три пати ја освои Премиер лигата, седум пати Фа Купот и има седум Комјунити Шилд титули, а еднаш успеа да го доведе Арсенал во финалето од ЛШ.

Еден од главните фаворити за преземање на клупата на Арсенал е тренерот на Селтик, Брендан Роџерс, кој неодамна ја освои втората титула првак на Шкотска.

Иако се поврзува со Арсенал, Роџерс оваа седмица изјави дека е среќен во Селтик и дека веќе започнал да прави планови за следната сезона.

Анџелоти кон почетокот на оваа сезона доби отказ од Баерн Минхен, со кого ја освои титулата шампион во Бундес лигата минатата сезона, а веќе еднаш водеше клуб во Премиер лигата.

Тоа беше во сезоните 2009/10 и 2010/2011, кога ја водеше екипата на Челзи, со кој во 2010 година ја освои шампионската титула во домашното првенство.

Виера е легенда на Арсенал, кој во 2004 година како играч ја освои титулата во Премиер лигата во онаа култна сезона, кога „Топџиите“ беа без пораз во лигата.

После завршувањето на играчката кариера Виера влезе во тренерските води.

Кратко работеше во резервите на Манчестер Сити, а сега го води американскиот New York City FC.

Покрај овие три наведени имиња, во врска со Арсенал се доведуваат уште и Луис Енрике Томас Тухел, Масимилиано Алегри и Јоаким Лев.

Коментирај