Фудбал

Кој ќе ја преживее чистката на Зидан во Реал?

7. мај 2019 - 11:04 | А.С.

Чистката во Реал Мадрид е неминовна и Зинедин Зидан ќе го примени најситниот филтер за да ја подобри атмосферата во соблекувалната, пишува шпанскиот весник Marca.

Францускиот менаџер веќе обавил поединечни разговори со фудбалерите и наводно веќе ги има првите имиња што ќе добијат билет во еден правец од Сантијаго Бернабеу.

Најголем товар на тимот во моментов е Гарет Бејл, што и не е некое изненадување. Велшанецот имаше ужасна сезона, а и не е тајна дека соиграчите не го сакаат многу.

Близок е само со Лука Модриќ, но останатите соиграчи генерално му се подбиваат на лошиот шпански изговор, иако таму живее веќе шест години.

Зидан го „отпиша“ Бејл по неодамнешниот пораз против Рајо Ваљекано, кога Бејл побегна со приватен авион наместо да се врати во Валдебебас со колегите и тоа беше капката што ја прели чашата во нивните односи.

Тој не е единствениот кој ќе си замине од клубот, според Marca. Зидан не го сака ни Дани Себаљос, играчот за врска кој неодамна се жалеше на тоа како тренерот работел во неговиот прв мандат на Бернабеу.

Шпанскиот репрезентативец го критикуваше Французинот за малата минутажа и неможноста да дојде до израз.

„Тешко е да се објасни зошто не добив ни прилика. Работиш, се трудиш да му го смениш мислењето и после некое време сфаќаш дека е невозможно“, изјави шпанскиот играч за врска пред неколку месеци, сигурен дека ќе заминува од клубот наскоро.

Себаљос играше додека на клупата беше Хулен Лопетеги, наследникот на Зидан по првиот мандат, но и тоа кратко траеше поради слабите резултати.

Веднаш зад него на излезна врата е уште еден играч за врска, Маркос Љоренте.

За него е речиси невозможно да се наметне покрај играчи како Модриќ, Крос и Касемиро, кои се стандардна опција во редот за врска, па нема иднина во клубот.

Зидан има уште две недели до крајот на сезоната, а потоа следи реконструкција. Овие тројца засега се „отпишани“.

Шпански AS има друго сценарио: Зидан не е задоволен од Модриќ

Шпанскиот весник AS има сосема поразлични сознанија од добро информираниот Marca – Зинедин Зидан не е задоволен од перформансите на Лука Модриќ и наводно со тоа повторно се отвораат вратите за хрватскиот репрезентативец кон Интер, кој е заинтересиран за неговите услуги.

Зидан наводно не е сигурен во иднината на Модриќ во клубот бидејќи смета дека неговото најдобро време помина.

Можно е 33-годишниот Модриќ сам да го напушти Реал, иако по ланската трансфер сага на крај одлучи да остане во „кралскиот клуб“. AS смета дека ова е вистинското време Интер да го привлече Модриќ и да ги искористи неговите вештини пред да се пензионира.

Коментирај