Свет

Кој ќе плати за онлајн вестите?

18. јуни 2019 - 8:53 | МИА

Новинските организации се соочуваат со предизвикот на технолошките гиганти и се дестабилизирани поради општиот недостиг на доверба, но тие имаат многу поголем проблем – повеќето луѓе не сакаат да плаќаат за онлајн вести.

Констатацијата е на Институтот на Ројтерс за истражување на новинарството.

Брзиот мобилен интернет и паметните телефони предизвикаа вистинска револуција во новинарството и ги уништија бизнис-моделите на многу новински организации во текот на изминатите 20 години, што резултира со пад на приходите до намалување и преземање на контролата од една компанија врз друга.

Масовната миграција на реклами на американските технолошки гиганти, како Facebook, Google и Amazon, влијае на приходите, додека повеќе од половина од светското население сега има пристап до вести преку интернет.

Но, дали луѓето навистина ќе плаќаат за вести?

Институтот на Ројтерс за новинарско истражување во својот годишен извештај за дигитални вести наведува дека повеќето луѓе нема да плаќаат за онлајн вести и дека во изминатите шест години има само мал пораст на процентот на луѓе кои сакаат да платат за тоа.

Дури и кај оние кои плаќаат, постои т.н. замор од претплатата – на многумина им е здосадено што од нив се бара да плаќаат за толку многу различни претплати. Многу луѓе ќе сакаат да плаќаат за филмови или музика, наместо да плаќаат за вести. Затоа, некои медиумски компании ќе пропаднат.

„Не постои индикација дека мнозинството луѓе се подготвени да платат за онлајн вести, иако многумина признаваат дека информациите на интернет честопати се поразителни и збунувачки“, вели Ник Њуман, постар научен соработник во Институтот на Ројтерс.

„Некои од најголемите брендови веќе покажаа дека се способни да привлечат голем број претплатници, но патот што ќе биде пред нас ќе биде предизвик за другите сопственици на медиуми“, додава тој.

Иако многу новински организации го ограничуваат слободниот пристап до информации и некои предвидуваат зголемување на дигиталните претплати, има малку промени во процентот на луѓето кои плаќаат за онлајн вести, со исклучок на растот во САД во периодот помеѓу изборот на Доналд Трамп за претседател и неговата инаугурација во 2016-2017 година.

Во Соединетите Американски Држави, оние кои плаќаат за вести преку интернет веројатно се дипломирани и богати. Весниците New York Times, Wall Street Journal и Washington Post добро се снајдоа во дигиталниот свет.

Но, останува фактот дека околу 40 отсто од новите дигитални претплати на New Yourk Times се за крстозборките и рубриките за готвење, наведува Институтот на Ројтерс, повикувајќи се на статија на Vox.

Во Велика Британија, околу една третина од испитаниците велат дека избегнуваат вести за Брегзит. Луѓето кои гласаа за напуштање на ЕУ велат дека ги избегнувале вестите бидејќи ги натажуваат и додаваат дека не можат да се потпрат на вестите дека тие се вистинити. Всушност, во Велика Британија нема зголемување на интересот за вестите како резултат на брегзит.

Netflix, Apple, Amazon

Во моментот кога се борат за повеќе приходи, новинските организации се исправени пред порастот од заканите од давателите на услуги во светот на шоу-бизнисот, како што се Netflix, Spotify, Apple Music и Amazon Prime.

„Во некои земји исто така може да настапи замор од претплатата, со тоа што мнозинството луѓе сакаат да го трошат својот ограничен буџет за забава (за Netflix или Spotify) отколку за вести, вели Њуман во извештајот.

„Не е изненадувачки што вестите се многу назад на листата во споредба со другите услуги, како Netflix или Spotify – особено за помладата половина од населението“, додава тој.

На прашањето каква медиумска претплата ќе одберат доколку имаат само една опција за следната година, само 7 отсто од луѓето на возраст под 45 години велат дека ќе се одлучат за претплата за вести.

Извештајот на Институтот на Ројтерс покажува дека 37 отсто преферираат онлајн видео, а 15 отсто онлајн музика.

Новинарските агрегатори (компјутерска програма што ги интегрира вестите од различни извори на вести на интернет), исто така, очекуваат добра можност за дејствување: Apple News Plus нуди една претплата за пристап до некои врвни изданија, вклучувајќи  ги Time, Atlantic, New Yorker, Vogue, Wall Street Journal и Los Angeles Times.

Тоа може да ги лиши издавачите од директен контакт со корисниците, ограничувајќи ја информацијата со која тие располагаат за да го направат насоченото рекламирање поефикасно и покорисно.

„И покрај поголемите можности за платени содржини, поверојатно е повеќето комерцијални вести да станат бесплатни за користење, да зависат од евтино рекламирање, да има еден пазар каде што големите технолошки платформи ќе држат повеќе карти“, вели Њуман.

„Тогаш трката за внимание ќе биде пожестока и новинарската репутација ќе биде повеќе изложена на ризик и различните извори на приходи и паметни стратегии ќе бидат од најважно значење за опстанокот“, додава тој.

Институтот на Ројтерс за новинарско истражување е истражувачки центар на Оксфордскиот универзитет, кој ги следи медиумските трендови. Фондацијата „Томсон Ројтерс“ го финансира Институтот на Ројтерс.

Коментирај