Култура

Кој конкурирал во име на „Бернајс пропаганда“ и Македонска филхармонија за концерт од 4.000 евра?

13. февруари 2018 - 15:42 | А.С/К.З

Министерството за култура вчера ги објави резултатите од Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2018 година, според кои на Македонската филхармонија ѝ се одобрени повеќе од 4.000 евра за реализирање на концерт со групата „Бернајс пропаганда“, планиран за 27 април годинава.

Тоа ќе беше одлична вест за членовите на бендот, ако знаеја што било во врска со конкурсот и одобреното барање.

Порталот Ravno do dna прв ја објави веста дека постои сомнеж за проневера на средства и дека од засега непознати причини, некој ги искористил името и угледот на инди рок бендот со меѓународна репутација и конкурирал во нивно и во име на Македонската филхармонија.

За да се конкурира воопшто, потребна е писмена согласност од членовите на групата, кои, како што кажаа, воопшто не биле известени за конкурсот.

Васко Атанасоски, гитарист на „Бернајс пропаганда“, за порталот Кајгана ја потврди веродостојноста на изјавата за Ravno do dna, во која вели дека никој не побарал од ниту еден од членовите никаква согласност.

„Атанасоски тврди дека за време на мандатот на Маја Чаначевиќ (како директорка на Македонската филхармонија) пролетта, 2017 во неколку наврати се јавиле за да биде разгледана можноста за концерт на Бернајс пропаганда во декември истата година. Во меѓувреме Чаначевиќ беше сменета од позицијата дикректор, а на нејзино место дојде Виктор Илиески и сѐ падна во заборав“, пишува Ravno do dna.

„И потоа синоќа Министерството ги објави резултатите и бевме зачудени од тоа што се случи. Се јавивме во Филхармонија, но и тие беа затечени, бидејќи не знаеја ништо во врска со тоа, но подоцна рекоа дека некој конкурирал во наше име, но не знаат кој. Сега бараме да ни ја пратат апликацијата и целата документација, но засега нема ништо“, стои во изјавата на Атанасоски за Ravno do dna.

Тој за порталот Кајгана го потврди инцидентот со мистериозното конкурирање и додаде дека закажана е средба за утре во 11 часот со претставници на Македонската филхармонија за да се расчисти недоразбирањето, бидејќи, како што рече, „Бернајс пропаганда“ ја почитуваат институцијата Македонска филхармонија и би сакале во иднина да соработуваат со нив и членовите на групата сакаат на културен и цивилизиран начин да се најде причината за ваквиот институционален пропуст и да се дознае кој конкурирал во нивно име.

Коментирај