Најново истражување покажа дека многу возачи на возраст над 55 години не брзаат да купат електричен автомобил.
Поделените мислења околу реалниот досег на овие возила се една од главните причини зошто луѓето постари од 55 години се скептични, покажа истражувањето што го спроведе глобалната консултантска куќа KPMG.
Според резултатите од истражувањето, најголем проблем е токму досегот на електричните возила. Колкава оддалеченост може да помине возилото со едно полнење на батеријата е главна причина за загриженост за 75% од возачите над 55 години.
Помалку од половина (40%) од анкетираните на возраст од 18 до 34 години тоа го навеле како причина за двоумење дали да одберат електричен автомобил.
Истражувањето е спроведено на примерок од 2001 испитаник во Велика Британија во септември, велат од KPMG.
„Очигледно има огромна разлика во мислењата во зависност од генерацијата на која припаѓаат возачите“, вели Џастин Бенсон од британскиот огранок на KPMG.
„Милениумците од Генерација З се вртат кон електричните возила, но оние над 55 се чини дека не ги прифаќаат новитетите со иста брзина како помладите.“
Бенсон вели дека младите луѓе исто така повеќе се фокусираат на тоа колку време е потребно да се наполни батеријата на возилото, отколку колкава оддалеченост може да поминат до следното полнење.
„Младите луѓе се поотворени кон идејата да пробаат нешто ново и очекуваат дека ќе може да направат сѐ во најкраток можен временски рок, па ако може и само со притискање на едно копче“, вели експертот од KPMG.