Кој се плаши од женските брадавици?

Женското тело отсекогаш било предмет на дискусија во медиумите и јавниот дискурс, во најразличен контекст, од уметност, преку политика до здравје, најчесто дискутирано од оние кои не се жени.

Од моментот кога влегуваме во пубертет, нашите тела стануваат сексуализирани, а потоа цензурирани. Се чини го извлекуваме подебелиот крај во играта во која не само што не сакаме да играме, туку и никој не нè прашал дали сакаме да бидеме вклучени. Кај нас не е невообичаено гласно да се коментира за женските тела, небаре се тие одвоени од личностите кои живеат во нив – роднините и комшиите си коментираат за тоа колку сме „развиени“, зборувајќи за големината на нашите гради или како ќе пораснеме во „срцекршачки“. Младите жени со поголеми гради дури се сметаат за „попровокативни“ и „помалку им се верува“ во споредба со нивните врснички со помали гради. Ви се верува? Мене уште не. Триесет и осум години живеам во тело на жена и уште не се навикнав да верувам во тоа. Не само бидејќи немам таква намера, туку бидејќи не треба да се навикнам.

За жал, морам да го трпам, бидејќи живееме во свет каде што женските тела се сметаат за недолични... се разбира, додека мажот не ги посака. Како општество, ги учиме младите девојки дека нивните тела не се нивни и дека мораат да негираат и кријат делови од нив за да не бодат очи и да бидат попочитувани и посоодветни во општеството. Ги учиме младите девојки дека имањето гради значи дека ќе добиеме несакано внимание од мажите, од кои некои се нашите чичковци, нашите татковци или нашите учители. Ги учиме младите девојки на сите овие работи, додека истовремено ги учиме момчињата и мажите никогаш да не мора да се научат на пристојност, почит и граници. Ги цензурираме младите девојки и жени за подобро да се вклопат во општеството во кое доминираат мажи, наместо да застанеме и да им кажеме да прошетаат и да направат простор за нас. За сите нас. Вклучувајќи ги и нашите гради! Затоа што ако мажите можат да ги покажат своите брадавици без страв дека ќе бидат сексуализирани или да одат по улица без страв дека ќе бидат пофаќани или едноставно да постојат во светот без да мораат да гледаат преку рамо 24/7, тогаш жените треба да можат да го прават истото.

„Ужасот“ наречен женска брадавица во јавност

Најнов пример за ужаснатоста на јавноста од женското тело се насловите за моделот Ирина Шајк која дојде како гостинка на Модната недела во Париз облечена во маичка со гол грб, без градник, низ која беа релјефно видливи нејзините брадавици. Странските и домашните медиуми известија за тоа (иако во ниедни рамки не спаѓа во вест) како за нешто скандалозно. „Преубавата Русинка не престанува да провоцира“, „Ирина Шајк ги премина границите“, „Модно промашување на топ моделот“, „Уште едно скандалозно модно издание на Ирина Шајк“ се само дел од насловите што ги изначитав за нејзиниот изглед.

А не беше многу одамна кога актерката Флоренс Пју се појави на ревијата есен/зима 2022 на Valentino во Рим облечена во проѕирна розова тоалета, без градник. Актерката објави фотографии од настанот на Instagram, со коментар: „Технички, покриени се?“

По објавувањето, Пју доби две различни реакции: едни, наспроти фамозната политика на Instagram да не дозволува објавување фотографии со женски брадавици, побрзаа да ја коментираат убавината на изгледот на Пју и да ја пофалат што се спротивставува на историското контролирање на женските тела. Други имаа многу мислења за изгледот на телото на Пју и дали нејзините гради и брадавици се нешто привлечно што некој би сакал да го види, како и низа други токсични коментари.

Пју одговори на мизогините коментари со втора објава во која праша: „Зошто се плашите толку од градите?“, прозивајќи ги мажите кои објавија негативни коментари за нејзиното тело, што можеше да се протолкува и како критика кон контроверзните политики за умереност на содржината на Instagram.

Пју не беше и не е првата славна личност која дала политичка изјава за искуството со мизогинија на интернет и за начините на кои телата и самоизразувањето на жените преку голотија се предмет на непропорционална контрола. Во 2015 година, придонесот на Наоми Кембел во дигиталната кампања #FreeTheNipple беше отстранет поради кршење на Условите за користење на Instagram. Оттогаш, Мајли Сајрус, Лена Данам и Кара Делевињ излегоа со јавна поддршка за #FreeTheNipple.

Во моментов, објавата на Пју сè уште е на Instagram. Ова е позитивно и сугерира дека можеби и се поместуваме од мртва точка. Сепак, Пју е млада, бела, цис-родова и конвенционално привлечна жена. Таа е успешна филмска ѕвезда со огромен културолошки капитал. Многу корисници на Instagram кои не се вклопуваат во овие категории, а ќе објават слична фотографија, најверојатно ќе бидат цензурирани. Во 2020 година, политиката за голотија на Instagram се најде на удар кога беше отстранета фотографија на моделот Ниом Николас-Вилијамс, на која е полугола и со рацете завиткани околу градите. Отстранувањето на фотографијата ги поттикна тврдењата за расна пристрасност и фобија кон луѓето со прекумерна тежина во политиките за содржини на Instagram.

Треба да се забележи дека на фотографијата не се гледаат брадавици, туку е во спротивност со политиката на Instagram со која се забрануваат слики што прикажуваат „стискање на градите“.  Некои истражувања сугерираат дека отстранувањето на објавите на Instagram несразмерно ги таргетира жените, луѓето кои не се бели, кои имаат прекумерна тежина и/или ЛГБТИК луѓето. Документирано е и штетното влијание врз сексуалните работници, дури и кога не објавуваат во својство на сексуални работници.

Скандалот не е во брадавиците, туку во двојните стандарди

Естетски, има многу мала разлика помеѓу машките и женските брадавици; сепак, женските брадавици се сексуализирани и, следствено, прикажани како недолични, непристојни и развратни (Бонагуро, 2015). Ако е прикажана брадавицата на жената, тоа се смета за голотија, а ако е на фотографија, се смета за порнографска; сепак, истата пресуда не важи за мажите. Оваа родова нееднаквост е поддржана преку една од најпопуларните платформи за социјални медиуми - Instagram. Упатствата за заедницата на Instagram наведуваат „Од различни причини, не дозволуваме голотија на Instagram … ова вклучува фотографии со женски брадавици, но се дозволени фотографии од лузни по мастектомија и жени кои активно дојат“ (Центар за помош на корисници на Instagram, 2016 година). Затоа, воведена е политика која е против изложување на анатомски дел што го имаат двата пола - а сепак, важи само за еден пол. Ако биде објавена фотографија од група жени кои лежат топлес на плажа, сликата веднаш би била симната; сепак, да е група мажи, никому ништо и фотографијата ќе остане.

Се чини дека причината за цензурата на женските брадавици е поради фактот што женските гради се сметаат за сексуални објекти. Машките брадавици низ историјата никогаш не биле социјално сексуализирани на ист начин како оние на жените. Мажите биле условени да ги сметаат женските гради и брадавиците како сексуален додаток. Политиките на Instagram и другите социјални медиуми се чини дека се вградени во конзервативната природа што им забранува на жените да ги возбудуваат мажите, наместо да им забрануваат на мажите да се однесуваат лошо кога се возбудени (Бонагуро, 2015). Ако женската брадавица беше десексуализирана како што е во други култури, немаше да биде еротизирана и затоа немаше да биде цензурирана. Затоа, западниот свет мора да најде стратегија за да ги промени нормативните ставови за деловите од телото на жените и да ги десексуализира женските тела.

Несомнено е неправедно што на жените не им се даваат истите права на Instagram како и на мажите. За да се постигне еднаквост, кампањите како #FreeTheNipple се неверојатен почеток.

Жените низ историјата се соочувале со маргинализација, без разлика дали се работи за право на глас или за право да се покаже брадавица на фотографија. Движењето #FreeTheNipple е за тоа жените да имаат избор. Ова движење е неверојатен почеток во докажувањето дека да, жените заслужуваат еднаквост и не, жената не се дефинира со она што е под нејзината облека. Без разлика дали и колку од жените сакаат да одат топлес или без градник и да објават такви фотографии од себе, станува збор за уживање на истото право како и мажите. Нормализирањето на брадавицата ќе потрае, но еден ден се надевам дека ќе дојдеме до место каде што жените ќе се чувствуваат подеднакво безбедно и удобно со своето тело, изложено или не, како и мажите.

реклама

Зошто треба прво да се испржи меленото месо, па потоа да се додаде кромид?

Read more

Израел го нападна Иран, пристигна првото видео

Read more

Како изгледал етничкиот состав на цела Македонија во 1905 година?

Read more

5 хороскопски знаци кои се родени за да се збогатат во животот

Read more

Теми и коментари

Зошто смртната казна нема да спречи свирепи убиства?

Read more

Зошто театарот ни е потребен повеќе од кога било?

Read more

Моќта на гласачкото ливче: 5 причини зошто треба да гласате

Read more

8 Март и ослободувањето на жената – моќните приказни на жените од Македонија

Read more
 

Ново

Баерн извиси

Читај повеќе

Бојан Јовановски: „Рекет“ не е расчистен, Заев беше човекот што комуницира директно со сите

Читај повеќе
  • filter

19 април 1775, почнала Американската револуција

Читај повеќе

Леонардо Дикаприо го игра Френк Синатра во новиот филм на Скорсезе

Читај повеќе

Детали за кражбата на сефот во скопско Црниче: 23-годишник е еден од осомничените

Читај повеќе

Деловен партнер од Кремљ номиниран за Нобеловата награда за мир

Читај повеќе

Три причини зошто вежбањето со тегови е клучно за слабеење

Читај повеќе

Психолог предупредува на 6 збора што може да ја уништат врската

Читај повеќе

Повторно зад решетки: Уапсен актерот Сергеј Трифуновиќ

Читај повеќе