Зголемените царини за кинеските електрични возила очигледно нема да го спречат најголемиот кинески производител BYD да се прошири на европските пазари.
Оваа експанзија ја предводи извршната потпретседателка на BYD, Стела Ли, која стана една од најистакнатите директорки во автомобилската индустрија за речиси тридецениското работење во таа компанија, пишува Forbes Slovenia.
Ли, економистка специјализирана за статистика, не е загрижена за податоците за продажбата на електрични возила кои укажуваат на забавување на светската побарувачка, сметајќи дека тоа е само привремена стагнација. На крајот на минатата година кинескиот гигант за прв пат ја надмина американската Tesla по квартална глобална продажба.
„Нашиот план за целосна електрификација на автомобилската индустрија препорачува чекор-по-чекор пристап: воведување на електрични возила во јавниот транспорт, потоа специјализирани возила и на крајот транзиција кон патнички автомобили. Ова е докажана стратегија на BYD за промовирање електрични возила во изминатите децении“, рече Ли во интервју за магазинот Time.
Ли, која го предводи американскиот огранок на BYD, минатата година беше вклучена во листата на 100 највлијателни лидери во борбата против климатските промени (Time 100 Climate). Во 2021 година, кинески Forbes ја рангираше меѓу највлијателните жени.
Ли дипломирала на кинескиот универзитет Фудан во Шангај со диплома по статистика во 1992 година. Во 1996 година, таа се приклучи на BYD, тогаш помалку од две години стар производител на батерии во Шенжен, како маркетинг менаџер за глобалните пазари. Една година подоцна, таа отвори филијала на BYD во Хонгконг, која таа година беше префрлена од британско на кинеско управување. Во 1999 година беше отворена европска канцеларија во Ротердам, а првата американска филијала беше основана во Чикаго во 2000 година.
BYD започна со производство на автомобили дури во 2003 година, кога основачот Ванг Чуанфу го основа BYD Auto со купување на кинески производител на автомобили. Таа подружница генерира повеќе од 80 отсто од вкупниот приход на матичната компанија минатата година, а во март 2022 година, производството на возила со мотори со внатрешно согорување беше прекинато за да се фокусира на електрични возила со батерии (BEV).
Ли е одговорна за проширување на брендот BYD на пазарите во Северна и Јужна Америка. Во 2011 година, таа стана генерален менаџер на американската филијала на BYD Americas и го основа новото седиште на компанијата во Лос Анџелес. Две години подоцна, под нејзино раководство, компанијата отвори фабрика за електрични автобуси, камиони и батерии во градот Ланкастер, Калифорнија, која вработува околу 500 работници.
За помалку од десет години, подружницата стана најголемиот производител на електрични автобуси во САД.
Во Европа, исто така, бизнисот на BYD расте откако Ли помогна да се формира првото странско седиште на производителот на батерии во тоа време. Во последните години, по освојувањето на домашниот пазар на електрични автомобили, BYD се фокусираше на извозот, вклучително и Европа, каде што е присутна од октомври 2022 година. На европскиот пазар, покрај автомобили, компанијата нуди и автобуси, камиони и вилушкари.
На крајот на минатата година компанијата најави изградба на фабрика за електрични автомобили во градот Сегед на југот на Унгарија, во близина на границата со Србија. Според Ли, производството на автомобили во таа фабрика ќе започне до крајот на следната година, а ќе отвори и неколку илјади работни места.
Забавениот раст на побарувачката за електрични возила, делумно поради укинувањето на субвенциите за нивно купување на некои клучни пазари, од Кина до Германија, не ја загрижува Ли.
„Мислам дека сегашниот пад на продажбата на електрични возила со батерии е привремен бидејќи луѓето се збунети, не знаат што да мислат за политичките дебати поврзани со електричните возила и се загрижени за цената. Но, мислам дека компанија која знае она што прави, како BYD, ќе испорача врвна технологија“, заклучи Ли.