Фит

Koкан Ајановски: Позитивниот дух е клучот на успехот

20. март 2017 - 15:29 | А.С.

Еден од најбрзите македонски тркачи го сподели изворот за неговата инспирација, водство и методи за вежбање. Кокан Ајановски е државен првак во Македонија, кој има освоено државни титули на долги патеки (5 km и 10 km, полумаратон, крос-кантри и планинско трчање), има учествувано и на повеќе светски, европски и балкански првенства во планинско трчање. Бил репрезентативец на Македонија на европско првенство на 3 km и 5 km и има освоено трето екипно место на балканско крос-кантри првенство, меѓу бројни други достигнувања.

1. Од каде ја црпиш инспирацијата за твојата пожртвуваност во трчањето? Како предизвикот најмногу те мотивира?

Се започна како љубов кон спортот. Секој вид на спорт.

Како мал видов дека вежбањето, тренирањето и натпреварувањето ми се допаѓаат и дека тоа е нешто што сакам да го правам целиот мој живот. Сакав да најдам начин како да го постигнам тоа, што треба да работам, како да најдам време во различните периоди од животот. Јас секогаш сум спортувал, независно какви обврски сум имал, 4 или 5 пати во неделата, некогаш и 3 пати, секогаш постигнувајќи било каков минимум. Пред неколку години таа љубов ми се преточи во трчањето и тоа стана мојот главен фокус. Она што потоа ми дојде природно, бидејќи почнав малку повеќе да тренирам, беше да пробам професионално да се занимавам со тоа. Веќе не си го поставувам прашањето дали сакам или не сакам. Трките се предодредени, се знае календарот, се прави годишен план и се фокусира на постигнување на целта. Таа ме води и секогаш се трудам да постигнам се повисоки стандарди за да можам постојано да напредувам и да имам инспирација за трчањето.

Кога бев аматер си кажував „еве да истрчам само”. Потоа од кога трчав, си дадов нова цел „ајде да пробам побрзо да истрчам”. Кога помина и тоа си реков „ајде да пробам колку можам да напредувам на професионално ниво“. Тука најдов нов предизвик и своевремено истиот се зголемуваше и јас полека напредував.

По многу тренирање и откако направив идеална телесна композиција за трчање, се потрудив да станам шампион на Македонија. Тој предизвик, бидејќи почнав на 26 години и постигнав на професионално ниво, се обидов да го преточам во инспирација за другите.

Кога успеав во остварувањето на почетните цели се потрудив да живеам од трчањето. Тоа да е моја стална професија затоа што таа ми стана најголема љубов. Сепак, со текот на времето индивидуалното трчање почнува да ми е во втор план, од ден за ден се поважен ми е тимот.

 

2. Полека се приближува Виз Ер Скопскиот Маратон. Што очекуваш од истиот и во која категорија планираш да се натпреваруваш?

Оваа година за прв пат ќе се натпреварувам на 42 km. Досега сум учествувал на 21 km, полумаратон, и новиот предизвик ми се долгите 42 km. Ова е државно првенство на маратон, а до сега никогаш немам учествувано на натпреварување од овој тип. Минатата година за прв пат официјално истрчав цел маратон, од кога почнав сериозно да се занимавам со трчање и направив најдобро македонско време во 2016 година.

Она што сега ми е важно е да станам државен шампион на Македонија во маратон и тогаш ќе ги заокружам сите можни цели и досегашната цел на мојата кариера.

3. За кои титули сметате дека ти се најуспешни? Кој беше најголемиот предизвик да се постигнат истите?

Секоја титула си има свое значење и во периодот кога сум ја остварувал ми била најважна. Сега можам да кажам дека секоја последна ми е важна бидејќи тоа е доказ дека низ годините, од 2010 година од кога сум репрезентативец на Македонија и од кога за прв пат станав шампион, се трудам да се надминам себеси. Би можел да ги издвојам првата победа на полумаратонот бидејќи така ја започнав кариерата, со Скопскиот полумаратон на 21 km, и првата официјална титула, кога станав шампион на 10 km. Секоја титула си има свој посебен драж.

4. Веќе неколку години се трудиш и успеваш во ширењето на спортската култура и здравиот начин на живот кај сите возрасти. Што те води во постигнувањето на оваа цел?

Па искрено, како што ви спомнав на почетокот, уште од дете сакам спорт. Го сакам и не го правам со сила. Човек кога прави нешто со сила, а не е искрен во својата желба и намери, порано или подоцна ќе ја изгуби позитивната енергија и мотивација.

Се трудам да правам она што сум јас, и што ме отсликува, и тоа е мојот начин на себе - реализација. Тоа нѝ дава инспирација да помагаме на општеството, на заедницата. Во држава каде што има многу негативни случувања потребна е позитивна енергија, а преку спортот и преку здравиот и активен начин на живот секогаш имаме непресушен извор на таква енергија. Со тоа им помагаме на луѓето да се чуствуваат подобро, да изгледаат подобро, да бидат посреќни и да се мотивираат да се надминуваат. Затоа се трудам најдобро да го пренесам тоа на мојот тим и на сите што се интересираат за трчањето.

5. Како остануваш секојдневно мотивиран и посветен на вежбањето и тренирањето?

Целите, луѓето со кои сум секојдневно и мојот тим, тие се мојата водилка. Така постојано сум во некоја акција и имам константна мотивација. Воедно, ако си поставиш доволна висока цел и ако имаш големо ЗОШТО, секогаш ќе најдеш КАКО. Доколку целта е мала секогаш ќе најдеш оправдување. Најважно од се е да не заборавиме да бидеме среќни во поставувањето и реализирањето на целите. Тие да се во согласност со начинот, со темпото на животот.

 

6. Претходно кажа дека сакаш да се натпреваруваш на 42 km Виз Ер Скопскиот Маратон и претпоставувам дека сега тоа е твојата најголема цел, како планираш  да ја исполниш, како тренираш секојдневно?

Тренирањето го делам на два дела во годината. Она што ми е најглавно во првиот дел од сезоната ми е да се потрудам да станам шампион на Македонија на 42 km. Сите oстанати трки што ги имам до сега се подредени кон исполнување на оваа цел. Сите останати трки што ќе следуваат, на пример Државното првенство во полумаратон, кое ќе биде за неполни 3 недели, ќе ми биде тест за главната цел, Виз Ер Скопскиот маратон. Се подготвувам интензивно. Трчам по 6 пати неделно, често го посетувам и Synergy Fitness & Spa. Спа центарот и сауната значително ми помагаат во процесот на опоравување и се одлични за секој кој тренира, а и за луѓето кои им е потребно ослободување од секојдневниот стрес. Целосно сум посветен на се што е потребно, здравата исхрана, редовното вежбање и се трудам секој ден да си легнувам со време. Сакам да ги исполнам сите оние моменти кои се дел од успешна спортска приказна и да верувам дека ќе успеам во целта затоа што сите патишта водат кон тоа.

7. Кој е твојот совет за секој кој сака да се вклучи во светот на спортот и трчањето?

Мојот совет е секој да си има свој пат. Секој треба да си најде своја цел. Да најде инспирација и предизвик во другите, а не да ги гледа на некој друг начин, затоа што во спротивно може да дојде до разочарување. Секогаш да се гледа позитивниот начин од било која приказна, да размисли колку му дозволува времето, дали да учи, дали да студира, дали да оди на работа, дали да има професионални обврски, колку тоа спортот ќе му се вклопи во неговото секојдневие, како темпото и начинот на живот ќе му се вклопат во тоа што го посакува. Она што е најважно е да најде модул како тоа што ќе одлучи да го прави да може да го прави цел живот, да може да го прави на долги патеки. Само на тој начин засекогаш ќе останеме во спортот и спортот ќе стане начин на живот.

Промотивен текст

Коментирај