Авто новости

Колекција автомобили од соништата

8. ноември 2018 - 16:12 | А.С.

Така наречената „Бела колекција“ автомобили Porsche што се наоѓа на тајна локација поради нејзината вредна содржина, е сместена во простор со ексклузивен дизајн на ентериерот што ја прави уште пофантастична.

Фановите на Porsche, но и сите вистински љубители на автомобили, сигурно би останале без зборови пред една ваква глетка – не само што на едно место е собрана голема колекција на модели од сите епохи на германскиот автомобилски гигант, туку и сите 65 автомобили се во бела боја.

За да биде доживувањето целосно „како во сон“, целата внатрешност на зградата во која се сместени автомобилите исто така е бела.

Сопственикот на колекцијата сака да остане анонимен и не е позната ни локацијата каде се наоѓа објектот каде се чува несекојдневната збирка. Се претпоставува дека е некаде во САД.

Меѓу експонатите има автомобили од сите генерации, а доминираат моделите 911. Меѓу главните атракции се Porsche 959, хиперавтомобилот 918 Spyder, Carrera GT, како и неколку возила Porsche 356.

Возилата не се единственото што ја прави „Белата колекција“ толку специфична и ретка.

Во објектот се сместени и разни историски предмети поврзани со Porsche, како и оригиналната документација за автомобилите.

Во музејски услови се чуваат оригиналните промотивни постери, разни дополнителни елементи како облека и патни торби со знакот на Porsche, како и библиотеката со книги за Porsche. Во колекцијата има дури и Porsche велосипеди.

Коментирај