Здравје

Колку е корисно раното воведување на алергени во исхраната на бебињата?

20. март 2019 - 15:58 | Б.С.Б.

Во последните неколку години едно од најчестите прашања што научниците го поставуваат е кога е најдоброто време да се воведат намирници за да се спречат алергиите на храна кај бебињата. Американската академија за педијатрија објави податоци за тоа што функционира, а што не кога станува збор за превенција на алергија на храна кај децата, пренесува CNN.

Новите препораки советуваат рано воведување на тоа што се смета за алергена храна, како кикирики, риба и млеко. Нема убедливи докази дека одложувањето на алергени во исхраната, на возраст од 4 до 6 месеци, делува на спречување алергии на храна. Покрај тоа, постојат силни докази дека раното воведување кикирики на возраст од 4 месеци може да спречи развој на алергии на кикирики.

„Нема причини за одложување на храна која се смета за алергена, како што се производите од кикирики, јајца или риба. Овие намирници може да ги воведете многу рано, исто како оризот, овошјето и зеленчукот“, наведува доктор Скот Сишерер во извештајот.

Според педијатарот Дејвид Стукус раното запознавање на детскиот организам со храна може да доведе до тоа телото да стане толерантно, а раниот период е всушност во четвртиот и шестиот месец од животот на детето.

Во новиот извештај е разгледувано тоа дали доењето штити од егземи, астма и алергии на храна. Резултатите покажале дека доењето во првите три-четири месеци од животот го штити бебето од егземи, а ако бебето е на доење подолго време го штити од астма во првите пет години, па дури и подоцна, додека не може да се донесе заклучок за неговата ефективност во превенција на алергија од храна.

Интересно е тоа што препораките на Американската академија за педијатрија во 2000 година беа одложување на воведување кравјо млеко за деца помлади од една година, на јајца до втората година, а на кикирики, јаткасти плодови и риба до третата година во животот. Сега, препораките се променети.

Коментирај