Наука

Колку е опасен ударот со глава: Научни истражувања може да донесат нова фудбалска револуција

22. јануари 2020 - 15:05 | А.С.

Фудбалската асоцијација на Шкотска ќе забрани фудбалерите помлади од 12 години да ја удираат топката со глава на тренинзи.

Ваквата забрана се очекува наскоро да стапи на сила поради сѐ поголемиот страв дека честото удирање на топката со глава предизвикува развој на деменција кај фудбалерите, како и смрт од оваа болест. Кои се доказите дека постои ваков ризик?

Што се случува кога ќе ја удрите топката со глава?

Фудбалската топка е тешка речиси половина килограм, а научниците пресметаа дека топката може да удри во главата на фудбалерот со брзина и до 128 км/ч.

Кога топката удира во главата, мозокот се удира од внатрешноста на черепот и така настануваат подливи, односно модрици.

Студија на Универзитетот Британска Колумбија од 2018 година покажа дека нивото на протеини во крвта поврзано со оштетувањето на нервните клетки се зголемува по ударот на топката во глава.

По некој удар одвреме-навреме најверојатно нема да предизвика некоја поголема штета, но по подолг временски период на удари, ова би можело да предизвика сериозни проблеми.

Кои се доказите дека ударите го зголемуваат ризикот од деменција?

Оваа теорија се најде на сите насловни страници во Велика Британија во 2002 година, откако поранешниот фудбалер на англискиот клуб Вест Бромович Албион Џеф Астл почина на 59 години. На Астл му беше дијагностицирана деменција во рана фаза.

По новите прегледи на снимките од неговиот мозок во 2014 година беше утврдено дека починал од хронична трауматска енцефалопатија. Тоа е состојба на мозокот што најчесто се поврзува со боксот и резултира со губење на помнењето, депресија и деменција. Оваа појава е забележана и кај други контактни спортови.

Судскиот вештак даде конечен извештај во кој наведе дека мозокот на Астл бил оштетен бидејќи долго време удирал фудбалски топки со глава.

Во 2017 година, истражувачи од Лондонскиот колеџ и Универзитетот во Кардиф објавија студија базирана на посмртните истражувања на мозоците на шестмина поранешни играчи. Истражувањата покажале дека има знаци на истата хронична трауматска енцефалопатија кај четворица од шесте играчи.

Професор Хју Морис од Лондонскиот колеџ тогаш за BBC изјави:

„Воочивме промени на мозокот какви што најчесто се гледаат кај поранешни боксери, а тоа се промени што се случуваат по константни повреди на мозокот. На тој начин за првпат досега им докажавме на неколкумина играчи дека повредите настанале претходно во текот на нивниот живот, што најверојатно има некаква врска со развојот на деменција кај нив.“

Минатата година, истражување на Универзитетот во Глазгов покажа дека поранешните фудбалери имаат 3,5 пати поголеми шанси да умрат од деменција во споредба со други луѓе на нивна возраст.

Сепак, нема дефинитивни докази дека удирањето топка со глава предизвикува деменција.

Зошто е толку тешко да се докаже ова?

Причините за појавата на деменција се многу сложени и болеста главно се јавува како комбинација на староста, начинот на живот и генетски фактори.

Физичките потреси на мозокот секако се главен фактор, но и нездравиот начин на живот како пушењето, прекумерното пиење алкохол и прекумерната тежина исто така се високоризични фактори. Прилично тешко е да се докаже влијанието на секој од овие фактори во појавата на деменцијата.

Кои истражувања се во тек?

Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, Универзитетот Квин Мери во Лондон и Институтот за трудова медицина почнаа истражување во кое се опфатени 300 поранешни професионални фудбалери.

Нивниот план е да ги стават поранешните фудбалери (на возраст од 50 до 85 години) на неколку тестирања кои би покажале кои се нивните телесни и когнитивни способности.

Исто така, ќе бидат собрани податоци поврзани со нивната кариера и начинот на живот.

Тоа ќе овозможи да се направат споредби меѓу одбранбените и играчите од средниот ред во однос на останатите, кои имаат тенденција за почести удари на топка со глава.

Резултатите од тестирањата ќе бидат споредени со оние направени на општата популација од 1946 година, чија цел била да се следи процесот на стареење кај луѓето родени во таа година.

Професор Нил Пирс, лидер на истражувањето, изјави: „Не знаеме многу за ризиците од потреси на мозокот во фудбалот и не знаеме речиси ништо за долгорочните последици од честото удирање на топка со глава. Ова истражување за првпат ќе даде уверливи докази за долгорочното влијание на професионалното играње фудбал врз когнитивните способности на човекот.“

Резултатите од ова истражување може да предизвикаат клучни промени во фудбалот како игра, како што тоа беше случајот со рагби и бокс.

Коментирај