Експертите ја одредија точната доза овошје и зеленчук што треба да ја внесеме во текот на денот за да бидеме здрави, да имаме енергија и да одржуваме здрава и балансирана исхрана.
Досега препораката беше да јадеме минимално 5 порции овошје или зеленчук во денот, а сега препорачаната доза е двојно зголемена.
Според експертите, пет порции овошје или зеленчук дневно се задолжителни, а 10 се идеални и претставуваат одлична прехранбена навика што драстично ќе ви ги намали ризиците од разни болести и ќе ви го продолжи животот.
Експертите од лондонскиот Империјал колеџ кои дојдоа до овој заклучок пресметале дека со толку витамински порции дневно, годишно би можело да се пречат дури 7,8 милиони случаи на прерана смрт.
Британските научници всушност се обидувале да откријат колку порции овошје или зеленчук дневно би можело да намалат одредени здравствени ризици, односно да го спречат појавувањето на болеста, па така, пресметале дека со само две и пол порции овошје или зеленчук дневно се намалува ризикот од срцеви болести за 16%, ризикот од појава на рак за 12% и се подобруваат шансите за подолг животен век за 15%.
Со идеални 10 порции овошје или зеленчук дневно, ситуацијата е ваква: ризикот од болести на срцето се намалува за 24%, ризикот од други кардиоваскуларни проблеми за 28%, ризикот од мозочен удар за 33%, ризикот од рак се намалува за 13%, а ризикот од прерана смрт се намалува дури за 31%.
Една порција се подразбира да содржи околу 80 грама, што е еднакво на една средна овошка или парче зеленчук, односно три големи лажици мешункаст зеленчук или лиснат зеленчук како спанаќ.