
Првиот човек на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, изјави во Полска дека досега 1.100 војници учествувале во мисијата на ЕУ за обука на украинската армија. Борел ја откри бројката за време на посетата на тренинг кампот во Бжег, Полска.
Тој рече дека мисијата ја покажала подготвеноста на Европа да ја поддржи Украина додека таа се брани од Русија. Министрите за надворешни работи на ЕУ потпишаа договор за Мисијата на ЕУ за воена помош за поддршка на Украина (ЕУМАМ) на 14 ноември, а официјалното започнување беше еден ден подоцна.
Неколку земји од ЕУ веќе обучија украински војници врз основа на национални договори. Вкупно до 15.000 војници ќе бидат обучени во 20 земји членки, пишува dpa.
Мисијата за обука ќе ја плати ЕУ, а Борел процени дека ќе биде околу 100 милиони евра.