Во финалето на Копа Америка 2024 ќе се сретнат Аргентина и Колумбија откако ноќеска Колумбијците во голема борба го елиминираа фаворитот Уругвај.

Уругвајците во ова полуфинале влегоа без пораз и со само еден примен гол откако по пат ги совладаа Панама (3:1), Боливија (5:0), САД (1:0) и Бразил (0:0, 4:2 пен.), но не успеаја да ја продолжат успешната серија и против решителните Колумбијци.
И Колумбија влезе со одличен ефект, без пораз и со само 2 примени гола, а и тие единственото реми го имаа со Бразил (1:1), додека ги совладаа Парагвај (2:1), Костарика (3:0) и Панама (5:0).
Хеферсон Лерма во 39. минута ја доведе Колумбија во водство кога по корнерот на Хамес Родригес го натскока Хосе Мариа Хименес и заби со глава, што подоцна се покажа и како одлучувачки гол, вреден финале. Лерма е поранешен соиграч на македонскиот капитен Енис Барди од времето кога двајцата настапуваа во шпански Леванте.
Пех за Колумбијците настана во надополнувањето од првиот дел кога поради опасен старт втор жолт и исклучување заработи дефанзивецот Даниел Муњос. Но, „Ла Селесте“ не успеа да ја искористи играчката предност и да дојде барем до израмнување.
Така, Колумбија се избори само за своето трето финале на Копа Америа и прво по она во 2001 кога и ја освои единствената титулча. Вреди да се напомене дека таа Копа Америка се играше во Колумбија, во период на нестабилност на државата кога најдобрите јужноамерикански репрезентации плашејќи се за безбедноста на своите ѕвезди испратија комбинирани состави, а Аргентина воопшто и не учествуваше. Тогаш еден Хондурас заврши трет, а Колумбија во финалето го победи Мексико со 1:0.
Првото финале на Колумбија беше во далечната 1975 година кога загуби со 1:0 од Перу во мајсторката. Тогаш финалето се играше дома и гости, а откако двете репрезентации победија на свој терен (гол-разлика не се рачунаше), беше одлучено да се игра мајсторка во Венецуела, на која Перуанците славеа со 1:0.
Финалето на 48. издание на Копа Америка ќе се игра во 2 часот по македонско време ноќта недела кон понеделник, на „Хард Рок“ стадионот во Мајами, Флорида. Аргентинците ја бркаат својата 16-та титула, а втора по ред.