Финското студио Rockodile Games започна кампања за финансирање на својот нов проект, игрица инспирирана од војната во Украина.

Станува збор за игрица наречена „Death From Above“ во која играчите ја преземаат улогата на украински воен оператор со беспилотни летала во борбата против руските сили. Играчите ќе имаат задача да фрлаат бомби врз руските сили и опрема, како и да пронаоѓаат украдени предмети и да ги обноват клучните линии на комуникација што беа прекинати за време на конфликтот.
Студиото Rockodile вети дека ќе донира 30% од приходите од продажбата на игрицата на украинските хуманитарни организации, а потоа и дополнителни 70% од нето приходот откако развивачот ќе дојде на нула. Сепак, парите собрани во текот на кампањата ќе се користат исклучиво за подобрување и проширување на игрицата.

Режисерот на игрицата, Хендрик Лесер, рече дека првично требало да биде симулација што ќе вклучува мини игри базирани на контрола на дрон, трки и транспорт на товар, но тимот се проширил во текот на изминатите шест месеци и соработувал со украинскиот развивач на воен софтвер за контрола и координација на дронови и артилерија во борбени сценарија, компанијата Gis Arta, па плановите се промениле.
Се очекува игрицата да биде достапна преку ран пристап на Steam во наредните месеци без оглед на резултатите од Kickstarter кампањата, потврдија програмерите. Оние што ќе донираат пари за кампањата ќе добијат бонуси кога игрицата официјално ќе се најде на пазарот.

За донација од најмалку 3 евра гејмерите ќе го отклучат нивото Mass Mobilization и ќе добијат wallpaper што ќе ги потсети на „забавата и возбудата“ што ја доживеале додека ја играле игрицата. Оние што ќе издвојат 18 долари за да го отклучат нивото Art of Propaganda ќе добијат на подарок три карикатури на рускиот претседател Владимир Путин.
