Кон книгата за деца „Арно ама“ на Калина Малеска: Децата-читатели се носат во еден изграден книжевен свет на правда и праведност

На 19 април годинава во Театар на сенки и облаци беше промовирана книгата „Арно ама“, прва книга за деца на Калина Малеска, во издание на „Или-или“.

За значењето на книгата како засебен ентитет, но и нејзиното место во македонската литература за деца, зборуваше македонската писателка и критичарка Оливера Ќорвезироска, чиј осврт ви го пренесуваме во целост:

Вечерва претставуваме неколку првости. Сеедно е што велам првост, зашто и да кажам првотија или првотии, повторно зборот ќе го нема во Речникот. Арно ама, сите го разбираме. Претставуваме вистински, први првости и други можни, претпоставени првости. Првата вистинска првост е фактот што „Арно ама“ е прва книга за деца на Калина Малеска, наша позната авторка на раскази, романи и теоретски книги за возрасни. Втората вистинска првост е фактот што „Арно ама“ е прва книга за деца и на издавачот „Или-или“, специјализиран за домашни и други современи автори, но, секако за возрасни. Калина Малеска ја напиша својата прва книга за деца; „Или-или“ ја создаде едицијата за литература за деца – „И ете приказна“ и во неа како најпрва вистинска првост ја објави „Арно ама“. Неодамна. Еден студен, зимски ден, на последниот праг пред Новата година. 2019.

Претпоставенa првост би можел да бидe фактот што „Или-или“ прв пат прави промоција во театаров „Сенки и облаци“; потоа дека „Сенки и облаци“ првпат прави промотивна претстава од тукушто излезена книга. Вечерва постојат и други претпоставени првости, но тие се лични и нема да ги издавам.

Промоциите не се места за жанровски трактати и книжевно-теоретски расправи. Нема да трактатизирам, ниту да расправам со вас за жанрот на оваа книга, само ќе го кажам своето мислење. „Арно ама“, според мене, е роман во раскази. Не е збирка раскази, туку роман во раскази. Не е ни само роман. Независно од тоа како Калина Малеска самата жанровски ја определува својата прва книга за деца, накусо ќе се доискажам зошто „Арно ама“ го нарекувам роман во раскази. Книгата ги има сите карактеристики на роман: доста ликови, прецизирани, развиени и поврзани,.. повторливи низ целиот тек на книгата. Но, поглавјата во неа, точно 19, имаат изразита самостојност, толку што можат независно да се читаат (и) како раскази. Ако поглавјето се чита како расказ, целината на која ѝ припаѓа – не е а приори збирка раскази. Така би било прелесно и преедноставно. Во овој случај, поглавјата се читаат самостојно, како раскази, но тие во контекстот на целата книга се уредни поглавја. Изразитата индивидуалност и осамостоеност на микро наративните случки и ситуации не треба да нѐ буни дали „Арно ама“ е ова или она, роман или збирка. Едноставно, „Арно ама“ можеме да ја викаме и роман и збирка, циклична проза,.. на крајот од краиштата, тоа воопшто не е ниту страшно, ниту погрешно, а и сигурна сум дека книгата нема да ни се налути за тоа. Јас „Арно ама“ ја викам роман во раскази. Оваа постапка не е непозната и, всушност, „предавање“ или доказ за неа ни одржа /ни напиша Влада Урошевиќ со романот во раскази „Мојата роднина Емилија“ пред точно 25 години. Истава постапка ја среќаваме сега и во литературата за деца и метафорично може да се каже дека „Арно ама“ е жанровски пар на „Мојата роднина Емилија“. „Мојата роднина Емилија“ за деца.

Aрно ама, промоциите не се места ни за јазични анализи. Но и за тоа ќе го кажам своето мислење. Изборот на приказничниот модален израз „арно ама“ за наслов на романов во раскази сам по себе е интригантен и загадочен. Тој е посеопфатен, подлабок и посуштински отколку што изгледа на прв поглед. „Арно ама“ го знаеме сите, со уши и со очи. Сме го слушале, сме во гледале напишано. Граматички е само навидум невообичаен, зашто овде арно не е придавка од среден род – туку прилог. Прилошката форма и придавската во среден род се хомонимни и тоа е баш забавно. Ама е сврзник. Но, во изразот и сврзникот е травестиран во друга зборовна група. Станалчестичка. Ама, ако е само, е сврзник; ако е заедно со „некој друг“, е честичка. Изразот сам по себе повлекува сериозни врски со „Силјан Штркот“ на Марко Цепенков, една исклучителна приказна од 1900 година во македонската книжевност. Во неа, во една од осовременетите верзии (има повеќе), „Арно ама“ се среќава точно 21 пат. Кај Калина Малеска се среќава 69 пати и е далеку полесно за броење, првенствено поради Владимир Лукаш.

Еве сме и до визуелното лице на најновата книга на Малеска. Како целосен издавачки производ, „Арно ама“ е резултат на двајца: на оној кој пишува (Малеска) и на оној кој црта (Лукаш). Спојот на двеве различни раце го дава целосниот производ – прекрасното издание. 69-те различно испишани, исцртани арно амиња во текстот го прават повидливо она што авторката сака да го направи со текст: надоврзувањето на книжевната традиција. На „Силјан Штркот“, една формативна приказна за целата современа македонска книжевност. Но, и не само на неа. „Арно ама“ се среќава и во „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков („Арно ама, не било така како што мислевме ние“, напишал Мисирков 1903.

Книгите како „Арно ама“, но и како збирката раскази за возрасни на Калина Малеска „Мојот непријател Итар Пејо“, објавена кај истиот издавач 2016, се многу важни. Поради едно исто нешто, облечено во различна книжевна комбинација. Поради повлекувањето врски и пополнувањето празнини, пречки и сопки на дисконтинуитетот во домашната книжевност, зашто таа, домашната книжевност, не е само она што го пишуваме, туку и она што сме морале да го прочитаме. Таа е сѐ што се пишувало пред нас и сѐ што ќе се пишува по нас. Калина Малеска со своето творештво јасно ни го соопштува токму ваквиот став. Современите писма треба да бидат мостови над книжевните времиња во односниот јазик. Во јазикот на кој пишува раката. Она што Влада Урошевиќ го направи со Цепенков во романот „Невестата на змејот“, Лилјана Пандева со Пребонд во романот „Доилката“, Загорка Поп-Антоска со Сирма војвода во романот „Џилијано Понти“, Горан Стефановски – со многу нешта,... Дејан Дуковски со Силјан Штркот (во „Силјан Штркот шанца“) и со „Македонска крвава свадба’,.. Малеска го направи со Итар Пејо, арно ама, еве, сега, на еден крајно специфичен, неправолиниски начин и со Силјан Штркот.

„Арно ама“ е поинаков, различен и редок пример на надоврзување на фолклорот со фраза. Не со темпорална реставрација на јазикот, туку само со репетеција на една единствена модална фраза. Вообичаените поврзување се прават со ликови и раскажувачки мотиви, како што беше случајот во сите спомнати дела, и како што беше случајот и во нејзината збирка раскази за возрасни. Ваквата необична лингвистичка постапка за надоврзување на книжевната традиција, на фолклорот,.. само со фраза, со два граматички травестирани зборови... ја поткрепил и илустраторот. Владимир Лукаш, надоврзувањето на фолклорот го извел колоритно, низ или преку 69-те различни исписи на арно амињата. Неговите, всушност, нашите шарено нацртани арно амиња во текстот се недогледливи од инвенција и зацртана, занесена, заиграна рака.

Сево ова што ви го изназборев, кажано колоквијално, не би вредело петпари, би било ветар и магла, лук и вода,.. доколку не е остварено / напишано лесно и едноставно. Романот во раскази на Малеска е едноставен за читање, неоптоварен ни најмалку со сета тежина што ја повлекува на своите реченични плеќи. Вреќи и вреќи игривост, поучност, образовност и воспитност. Зашто без тој „товар“ – нема книжевност за деца. Мерката на овие нешта е единствената работа којашто ги дели добрите од помалку добрите книги за деца. А мерката во „Арно ама“ е мошне прецизно одредена.

Деветнаесетте поглавја раскази се свет на едно семејство, мајка, татко и две братчиња. Сосе соседите, учителките, роднините и рамноправно третираните митски и измислени ликови, легенди, верувања,.. многу персонифицирани предмети со глас и став (боичките, на пример, кои во поглавјето-расказ „Волшебните боички“ се ликови со јасни карактери, а тоа е одлично поддржано и со цртежите). Малеска нема совршен детски лик според кој ќе се рамнат сите останати. Совршените ликови се одамна иселени од книжевноста за деца. Денес, во нашево време, децата-ликови се несовршени, обични деца со кои малите читатели многу лесно се идентификуваат. Врз таа и таква окосница, Малеска ја става мајката како арбитар, преслушувач, не и наметнувач на моралните вредности. Сложените ликови односи се предадени со едноставни ситуации од чиишто решенија имаат полза сите, и децата-ликови и децата-читатели. И мајките – книжевни арбитри и мајките-родителки. Има дете со лоши особини и добро антиципирана читателска рецепција при која тоа не случајно, имајќи благо име (Блаже), полека станува симпатичен лик. Секојдневните ситуации во кои се наоѓаат, во кои, всушност ги става Малеска своите ликови, градат свет на можни нешта. До извесна точка. Но, тогаш кога Малеска понира или реферира на извесна лектира, митологија,.. или се приклонува кон другите училишни предмети (екологија, природа, географија...), можниот свет станува уште позабавен. Мечот на кралот Артур е детски меч со излупен пластичен врв. Но, тој се забива во земјата и можат да го извадат само навистина најдобрите, не и најсилните. Зашто мечот на кралот Артур се вади со срце, не со сила. Пораката е одлично трансферирана во текстот и оттаму е остварен и чудесниот ефект на знаење. Сѐ поретки се книгите со знаење во модерново време, и на тоа писателите дефинитивно мора да се навратат. Мора да се навратиме.

Формата на поглавјата-раскази е форма на вежба, на интерактивна работа со читателите. Како светот на ликовите на Малеска во „Арно ама“ да се гради според некоја замислена наставна програма. Па, низ расказите се бара мислењето на читателот. Не само да чита, туку и да мисли додека го прави тоа. Овој аспект не е многу чест во книгите за деца; чест е во учебниците. Воспоставувајќи го со осет, Малеска прави некаков спој помеѓу тие две нешта: задолжителните учебници и релаксирачката лектира. Или лектира со поука, со знаење, со проверка, со учество... Децата-читатели се носат во еден изграден книжевен свет на правда и праведност; на морални стандарди и на справување со истапи од секаков вид, со разбирање, толерирање. Пештерите, верувањата, чудесните дрвја, гормитите... се текстуалните окна на Калина Малеска во кои влегуваат и цртежите на Владимир Лукаш, повлекувајќи нѐ сите што ја читаме и гледаме книгава, во длабоко воодушевување: таму каде што блескавиот свет на измислиците со зборови се преслекува во цртани измислици од миг во миг, од страница во страница, пред нашите очи и сетила.

Романот во раскази „Арно ама“ е комплетен издавачки производ за големи и мали деца. Резултат на две различни, заиграни раце: едната која се запишувала, другата која се зацртала.

Честитки за сите првости и непрвости во овој наш заеднички свет на зборови, цртежи, сенки и облаци.

реклама

Што ќе им донесе сезоната на Бикот на сите хороскопски знаци од 19 април до 20 мај?

Read more

Зошто треба прво да се испржи меленото месо, па потоа да се додаде кромид?

Read more

Вештачка интелигенција управуваше борбен авион против човечки пилот

Read more

Роберт де Ниро откри кои му се најомилените актери на сите времиња

Read more

Култура

Националниот џез оркестар со „Џез лектира“ гостува во Велес

Read more

Почнува Крај Вардарот Џез: Три фестивалски вечери и пет концертни настапи кои кокетираат со авангардни стилови

Read more

Под слоганот Приказна се чита денеска почнува Саемот на книга

Read more

Вечерва во МКЦ премиера на документарецот Време на бетон

Read more
 

Вести

Македонката Светлана Мојсов меѓу 100-те највлијателни личности во светот според магазинот Time

Читај повеќе

Приведено уште едно лице за кражбата на сефот во Црниче

Читај повеќе

Османи: Имало информации дека Израел го нападнал Иран, меѓутоа сѐ уште не се потврдени

Читај повеќе

Бојан Јовановски: „Рекет“ не е расчистен, Заев беше човекот што комуницира директно со сите

Читај повеќе

Детали за кражбата на сефот во скопско Црниче: 23-годишник е еден од осомничените

Читај повеќе

Деловен партнер од Кремљ номиниран за Нобеловата награда за мир

Читај повеќе

Спречен атентат врз Зеленски

Читај повеќе

Паднаа акциите на Netflix

Читај повеќе

Дали Кина ја снабдува Русија со делови за производство на оружје?

Читај повеќе