Култура

Концерт на Раде Шербеџија во Скопје и промоција на неговата книга „По дождот“

26. февруари 2020 - 9:18 | МИА

Сестраниот уметник Раде Шербеџија синоќа го одржа концертот – музичко-сценски проект „Ti bi htjela pjesmom da ti kažem“, придружен од неговиот четиричлен бенд од Загреб „Zapadni kolodvor“. Познатиот актер, поет, музичар и режисер од сцената во Филхармонија пееше, рецитираше поезија, кажа и анегдоти за својот „емигрантски“ живот во Лондон.

Публиката ги слушна „Ne daj se Ines“ и уште неколку напишани од неговиот долгогодишен соработник Арсен Дедиќ, како „Djevojka iz moga kraja“, „Panonske trešnje“, „Tvoje nježne godine“… Во нов аранжман ги испеа „Meni se dušo od tebi ne rastaje“ на Џони Штулиќ, римејк на „Ostala si uvijek ista“ од Мишо Ковач, поезија од неговата збирка „Prijatelj ga kaže više ne poznaje“, антологиската „Жди меня“ од Константин Симонов, а во негов боемски стил, со чаша вино, ги говореше и стиховите на Дис: „Ne marim da pijem, al’ sam pijan često“.

Со актерката Јана Стојановска и во музичка изведба на Гаро и браќата Тавитјан ја исепа „Kad umre ljubav, muzika nek svira“, која денеска заедно и ќе ја снимат во студиото на Тавитјан и ќе биде на неговиот нов албум кој ќе излезе наесен.

Таа песна, рече, ја напишал заедно со Кемал Монтено во 1992 за првиот албум. Плочата не успеале да ја промовираат зашто токму тогаш почнала војната во Сараево и таа изгорела сосе сараевски „Diskoton“. Со Монтено ја пееле на концерти, но никогаш повторно не била снимена.

Двочасовнот концерт што го организираше Авалон-продукција го почна со „Imam pjesmu za tebe“, а го заврши со „Елено ќерко, Елено“ која ја сними пред неколку години за проектот на Тавитјан „Македонското срце чука во 7/8“.

Ѕвездата на југословенскиот филм во Скопје беше и во декември по повод 25 години од филмот на Милчо Манчевски „Пред дождот“, во кој ја игра главната улога. Поканата за филм ја добил додека живеел во Лондон и значела ново поглавје во неговата богата, а во тоа време неизвесна филмска кариера, а успехот на овој филм му отвори холивудска перспектива.

Шербеџија пред три години ја објави книгата „Poslije kiše“, која во превод на македонски јазик ја издаде „ТРИ“ и ќе ја промовира вечер од 19 часот во Клуб-ресторан МКЦ во присуство на авторот.

Ја опишува славата, но и осаменоста низ призмата на релациите меѓу себе и семејството, но и со холивудската немилосрдност. Во „По дождот“, посочува „ТРИ“, тој ни нуди токму таков амбиент – сонце што огрева откако сите облаци ќе се расчистат.

– Главната тема што се провлекува како нишка низ испреплетените парчиња текст е чувството на вечен егзил, патување во кое не постојат други граници освен реалните… Да се одглуми најтешката улога – помирувањето со себеси, како странец во друга земја. Како култна икона на југословенскиот простор, овој заводлив и контроверзен актер и раскажувач ја создава својата книга на животот со леснотија опишувајќи ја најтивката и најгласна борба на вечното патување, на чувството дека животот се прелева низ границите за кои не постојат пасоши… Секогаш неодреден, секогаш надвор од метежот, а внатре во себеси – Раде не е обичен раскажувач, тој е интимен сопатник низ поглавјата што ги ткае во својата приказна, наведува „ТРИ“ во освртот за книгата која вечер ќе ја промовира писателот и колумнист Венко Андоновски.

Коментирај