Останати спортови

Конор Мекгрегор стави крај на кариерата во ММА

26. март 2019 - 9:58 | К.З.

Сосем неочекувано, во текот на изминатата ноќ Конор Мекгрегор преку неговиот Twitter профил најави дека си заминува од УФЦ и се пензионира од спортот ММА (mixed martial arts).

Ирскиот борач ја изненади јавноста со неговата одлука да стави крај на кариерата во ММА преку „брзо известување за фановите“.

„Решив да се пензионирам од спортот наречен ММА. На сите мои колеги им посакувам многу среќа во иднина. Сега им се придружувам на моите поранешни партнери, кои се веќе во пензија. Пина Коладите се на моја сметка, момци!“, напиша Конор на неговиот Twitter профил.

Оваа вест доаѓа како изненадување, бидејќи Мекгрегор неодамна на гостувањето во шоуто на Џими Фалон изјави дека има намера да продолжи да се бори во УФЦ рингот. Тој доби многу понуди за потенцијални борби, како од нови лица на УФЦ сцената, така и од поранешни шампиони во натпреварувањето.

„Има доволно пари за да се пензионира и неговото виски се продава како алва. Има смисла да се пензионира. И јас би го направил истото ако бев на негово место“, рече претседателот на УФЦ, Дејна Вајт.

Иако доби поддршка од Дејна Вајт и поголемиот дел од боречката сцена, сепак одлуката на Конор Мекгрегор не може да биде сфатена сериозно. Низ медиумите веќе почнаа да кружат шпекулации дека Конор го напишал твитот за да се избори за поголеми премии за неговата следна борба.

Последната УФЦ борба на 30-годишниот Ирец беше во октомври минатата година, кога тој загуби од Хабиб Нурмагомедов во борба за шампионскиот појас. Веднаш по борбата двајцата борачи учестуваа во тепачка, поради која беа суспендирани од раководството на УФЦ.

Коментирај