Фудбал
ЛИГА НА ШАМПИОНИ 2019/20

Конте: Според тоа како игравме во групата, заслуживме повеќе

11. декември 2019 - 11:20 | Ф.З.

Тренерот на Интер смета дека и покрај елиминацијата играчите дале сѐ од себе и заслужиле осминафинале, но кога шансите не се користат не може да се бара такво нешто.

„Имавме шанси за голови со кои ќе го добиевме натпреварот. Ни недостасуваше малку цинизам, ни фалеше да бидеме поконкретни во завршувањето на создадените шанси. Искрено, имам малку што да им замерам на моите фудбалери бидејќи дадоа сѐ од себе. Притиснавме до максимум, погрешивме при крајот и тие тоа го искористија за 1:2, гол кој дефинитивно не шлагираше. Жал ми е пред сѐ за момците и за навивачите кои дојдоа на „Меаца“, им се заблагодарувам бидејќи создадоа атмосфера која ни беше мотор од почеток до крај“, рече Конте по натпреварот.

Се чини Интер својата шанса ја прокоцка на гостувањето во Дортмунд кога водеше со 0:2, а потоа дозволи да го загуби тој натпревар со 3:2. Токму од директниот конкурент за второто место, екипата на Борусија.

„Според тоа како одигравме во групата мислам дека заслуживме повеќе. Имавме огромна желба да продолжиме понатаму, но за жал испадна вака. Треба да ги завратиме ракавите, да продолжиме да работиме за овие момци да станат подобри. Мораме веднаш да се исправиме и да се вратиме на нашиот пат. Правиме важни работи во еден период кој за нас не е лесен. Има уште два натпревара до Божиќ, а потоа ќе се одмориме, имаме потреба од одмор“, заврши тренерот на „Нераѕурите“.

Интер сега прво гостува кај Фиорентина в недела, а наредната сабота ја пречекува Џеноа во обид да остане на првата позиција во Серија А и како лидер да влезе во вториод дел од првенството кое продолжува во јануари.

Коментирај