Свет

Конте за корона вирусот: Италија е безбедна за туризам

25. февруари 2020 - 15:55 | МИА

Премиерот на Италија Џузепе Конте денеска изјави дека мерките за спречување на епидемијата на корона вирус во Италија наскоро ќе дадат резултати, истовремено фалејќи ја работата на здравствената служба во земјата.

– Убеден сум дека ќе имаме ефект во наредните денови, истакна Конте пред новинарите, додавајќи дека здравствената служба на Италија е меѓу најригорозните и најефикасните во светот.

Тој потенцираше и дека Италија е безбедна земја за туризам и покрај избувнувањето на епидемијата.

– Италија е безбедна земја за патувања и туризам, можеби побезбедна од многу други, рече Конте.

Во Италија досега се пријавени повеќе од 280 пациенти со корона вирус и седум смртни случаи.

Владата денеска на седница донесе одлука да ги задолжи сите основни и средни училишта, како и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија.

Неколку македонски агенции веќе ги откажаа турите за Италија. 

Коментирај