Регион

Контрола на летање: Кој го надгледува небото над Балканот?

5. декември 2019 - 11:36 | А.С.

Босна и Херцеговина синоќа на полноќ ја презеде контролата над својот воздушен простор.

БиХ ја презеде контролата над својот целокупен воздушен простор, што значи дека небото над БиХ веќе нема да го надгледуваат Србија и Хрватска, туку Агенцијата за давање услуги во воздушната пловидба (БХАНСА), која сега ги контролира летовите на височина до 10.000 метри.

Оваа Агенција во изминатите пет години интензивно работеше на случајот и официјално синоќа, во 1:20 часот по локално време, ја презеде контролата над воздушниот простор.

Меѓу контролорите на летање се наоѓаат 39 искусни контролори, школувани во најреспектабилните европски центри, како и нови, 21 контролор, кои минале обука во Финска, Загреб и Белград. Во следниот период, дополнителни 11 контролори ќе се обучуваат во Словенија.

Во најоптоварениот ден за време на летната сезона, контролорите во БиХ досега имаа 200 авиони, додека следното лето ги очекуваат по 1.600 авиони дневно. Според европските стандарди, еден контролор не смее да има повеќе од 15 авиони на врска во исто време.

Кој го надгледува небото над Балканот?

Властите во Република Северна Македонија пред 10 години направија реорганизација во управувањето со авиосообраќајот и улогата на контрола ја доверија нанационалната агенција М-НАВ.

АД М-НАВ е компанија на која Државата – Република Северна Македонија ѝ делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во Република Северна Македонија.

АД М-НАВ се формираше со поделбата на Агенцијата за цивилно воздухопловство во две тела, М-НАВ кое е друштво во државна сопственост и  Регулаторно тело кое остана како Агенција за цивилно воздухопловство. Оваа трансформација се случи во 2009 година. Согласно организациската структура, АД М-НАВ има правно седиште во Скопје, но оперативните простории се наоѓаат во границите на територијата. М-НАВ е членка на меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќакј (АТМ) и затоа учествува во истражувачките и развојни активности во соработка со меѓународните тела одговорни за контрола во оваа сфера, како што се ИКАО, Евроконтрол итн.

Србија и Црна Гора имаат заедничка институција за контролата на летање – Контрола на летање на Србија и Црна Гора (SMATSA). Ова решение остана од времето на Државната заедница на Србија и Црна Гора и не се промени, пред сѐ поради големината на црногорското небо.

Во Хрватска за контрола на летање е надлежна националната Hrvatska kontrola zračne plovidbe (HKZP).

Во Албанија со контрола на летање се занимава националната институција ALBKONTROL.

Небото над Косово го контролира унгарската агенција Hungarokontrol, која победи на меѓународниот тендер што го распишаа косовските власти во потрага по институција која ќе го надгледува горниот дел од небото.

Коментирај