Ѕвездата на филмскиот универзум на Marvel, Себастијан Стен, ќе го портретира контроверзниот Доналд Трамп во претстојниот биографски филм The Apprentice, пренесува Deadline.
Режисер на серијата е Иранецот Али Абаси, креаторот на наградуваниот филм Holy Spider, кој работеше на популарната серија на HBO The Last of Us.
Покрај Стен, во филмот играат Марија Бакалова, која ќе ја игра поранешната сопруга на Трамп, Ивана Трамп, и Џереми Стронг, кој ќе го игра адвокатот Рој Кон.
Deadline го опишува филмот како „истражување на моќта и амбициите сместени во свет на корупција и измама“. Филмот ќе го следи подемот на Трамп во 70-тите и 80-тите години, кога почна да ја гради својата империја за недвижнини во Њујорк, и неговиот однос со злогласениот адвокат Рој Кон.
Сценариото за филмот го напиша Габриел Шерман, чиј бестселер The Loudest Voice in the Room беше инспирација за мини-серијата The Loudest Voice, во која Расел Кроу го глуми поранешниот шеф на Fox News, Роџер Ајлс.
Стен ги освои срцата на обожавателите со улогата на Баки Барнс во филмскиот универзум на Marvel, додека ги воодушеви критичарите со неговата изведба во серијата Pam & Tommy. Но, мислењата се поделени за неговата нова улога.
„Одвратно, Себастијан треба да се срами“, „Ако ова не е сатира, не сакам да го гледам филмот“, „Ова е втор пат Себастијан Стен да глуми таен руски агент“, „Ова звучи како лоша идеја “, напишаа некои обожаватели на познатиот актер.
Но, други беа попозитивни бидејќи веруваат дека филмот ќе го прикаже Трамп во лошо светло.
„Себастијан Стен продолжува да носи некои од најхрабрите, но сепак најзбунувачки одлуки“, „Ова е или најдобрата или најлошата идеја досега“, „Храбар, но ризичен потег... Среќно на сите, ќе им треба“, се само дел од коментарите на социјалните мрежи.