Раководството на Евролигата донесе долгоочекувана и неочекувана одлука и потврди дека Абу Даби ќе биде домаќин на Фајнл-фор турнирот во Евролигата во 2025 година.
Како што е потврдено за порталот BasketNews, на денешниот состанок на акционерите и основачите на Евролигата, одлучено е Абу Даби да биде домаќин на Фајнл-фор настанот оваа сезона.
Ф4 оваа сезона ќе се одржи од 23 до 25 мај. Полуфиналето ќе биде закажано за 23 мај, а мечот за европскиот првак ќе се игра два дена подоцна.
Ова ќе биде првпат Ф4 во Евролигата да не се одржи во Европа.
Арената Абу Даби има капацитет од 18.000 луѓе и беше домаќин на последните седум претсезонски натпревари во НБА, вклучително и две средби помеѓу Денвер и Бостон во октомври 2024 година.
Покрај тоа, кошаркарската репрезентација на САД во оваа сала играше против Србија и Австралија како подготовка за Олимписките игри во Париз.
Претходните три Ф4 се одржаа во Белград (2022), Каунас (2023) и Берлин (2024).