Неверојатен превид се случи во турската лига каде беше признат гол откако топката целосно излезе во гол-аут.

Синоќа 16-тото коло на турската Супер лиг го затворија Галатасарај и Трабзонспор во неверојатен меч со 7 голови, пресврти, но и една бламажа во ВАР собата.
Откако на преполниот „Али Сами Јен“ стадион во Истанбул домашниот Галатасарај на пауза замина со водство од 2:1, гостите за десет минути во второто полувреме направија комплетен пресврт поведувајќи со 3:2. Но, нивниот трет гол беше апсолутно нерегуларен.
Имено, се играше 55. минута кога Ентони Нуакаеме со пета го проигра Ерен Елмали, кој ја стигна топката за да нафрли откако таа со цел обем излезе во гол-аут. Помошникот, кој беше на спротивната страна, не сигнализираше, што и најчесто се случува заради несигурност, остави акцијата да тече и Трабзонспор постигна гол.
Играчите на Галатасарај бадијала протестираа кај главниот судија Кадир Салам, кој му покажа и жолт картон на зборливиот Данец Елиас Јелерт. ВАР го проверуваше голот и стигна потврда - гол е!
Неверојатно! Па што гледаа судиите во ВАР собата? Топката целосно излезе во гол-аут, а тие успеаја тоа да не го видат.
Правдата на крајот сепак беше задоволена бидејќи Галатасарај постигна два гола за нов пресврт и победа од 4:3. И тоа, за драмата да биде до максимум, победничкиот гол дојде во 8. минута од надополнувањето и тоа како автогол.
Но, останува резилот на турскиот ВАР кој призна гол по акција која отиде во гол-аут.
Инаку, во таборот на гостите четврти натпревар во низа не беше повикан македонскиот капитен Енис Барди.
Галатасарај - Трабзонспор 4:3
8' Дрис Мертенс, 29' Јунус Акѓун, 63' (п) Миши Батшуаји, 90'+8 (аг) Али Шахин Јлмаз - 17', 55' Озан Туфан, 51' Симон Банза
Така, Галатасарај ја задржа предноста од 6 бода пред Фенербахче на Жозе Мурињо, додека Трабзонспор продолжува со разочарувачката сезона и е 15-ти со 16 бодови, еден бод над зоната за испаѓање.
Табела: