Свет

Корона вирус: Петмина заразени на Балканот, над 81.000 во светот

27. февруари 2020 - 8:30 | МИА

На Балканот каде има повеќе од 40 милиони жители досега се регистрирани пет заразени со новиот корона вирус Covid-19. Нема починати од тој вирус. Тројца се заразени во Хрватска, еден во Грција и еден во нашата држава.

Македонија

Во земјава вчера беше потврден првиот случај на корона вирус. Според надлежните, простор и причина за паника нема. Ситуацијата е под контрола, постојано се следи, а институциите се подготвени за брза реакција и ги преземаат сите неопходни мерки согласно меѓународните протоколи. Граѓаните треба да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство, да се однесуваат одговорно и да не шират дефетизам, посебно не на социјалните мрежи.

Пациентката кај која е утврден корона вирусот е скопјанка, родена во 1970 година. Одреден период престојувала во Италија, а допатувала вчера утрото во три часот преку граничниот премин Табановце, превезувајќи се со комбе во кое имало уште неколку лица. Поради симптомите кои ги чувствувала, семејството веднаш ја донело на Клиниката за инфектологија. Моментно е хоспитализирана таму, на Одделот за интензивна нега и изолација. Како што соопшти синоќа министерот за здравство Венко Филипче, пациентката е во добра општа состојба, зафатено и е само едното белодробно крило и нема потреба за механичка вентилација.

БиХ

Претставници на повеќе нивоа на власта во Босна и Херцеговина, вклучително и медицински професионалци, изјавија во средата на заедничката средба во Добој дека не се пријавени случаи на заболени од новиот корона вирус во државата и дека надлежните се подготвени за појава на таа зараза.

– Се договоривме на координирана акција доколку е регистриран случај на новиот корона вирус во БиХ, што не е исклучено. Сепак, не треба да се крева паника кај граѓаните, вирусот може да се контролира ако ги следиме потребните процедури, рече по состанокот премиерот на Република Српска, Радован Вишковиќ. Тој додаде дека се договорени постапки за постапување на лица со потенцијални симптоми на зараза со новиот коронавирус.

Србија

Во Србија нема регистрирано заболени од Covid-19. На граничните премини е воведен зголемен надзор над патниците, како и на сите српски државјани кои се враќаат од Кина и Италија. Министерството за здравство посочува дека водат евиденција за сите патници од проблематичните области.

Црна Гора

Вкупно 184 лица во Црна Гора во моментов се наоѓаат под здравствено-санитерен надзор поради актуелниот корона вирус. Епидемиологот Божидарка Ракочевиќ од Институтот за јавно здравје изјави дека Црна Гора има тестови за лабораториска дијагностика на Covid-19 и дека сместување во карантинските установи се разгледува во случај на масовно пристигнување на лица со симптоми на вирус. Пред Клиниката за инфективни во Подгорица поставени се шатори, но црногорските здравствени власти потенцираат дека се поставени превентивно и оти нема заболени и нема место за паника.

Албанија

Нема заразени од новиот корона вирус. Шефот на Националниот медицински центар за итни случаи , Скендер Братај, во интервју за албанската агенција АТА го објасни протоколот што се следи во сите случаи кога постои сомневање за инфекција со новиот корона вирус. Тој појасни дека кога луѓето ќе забележат симптоми, треба да го повикаат националниот број за итни случаи 127.

Бугарија

Официјално – нема заразени со новиот корона вирус. Се прават анализи на маж во Велинград кој се вратил од Рим на 23 февруари. Властите наредија и анализи на жена која починала во Димитровград од бронхопневмонија и која се вратила од Британија. На граничниот пункт Капитан Андреево се мери температура на патници кои минале низ Италија, Тајван и Хонгкoнг.

Косово

Националниот институт за јавно здравство на Косово објави синиоќадека ниту едно лице кое досега било хоспитализирано под сомнение дека е носител на корона вирусот не е заразено од тој вирус.

Институтот соопшти дека е информиран оти во текот на вчерашниот ден на Инфективната клиника  во Приштина се примени шест лица за кои имало сомневања дека се заразени со корона вирусот и кај сите нив анализите биле негативни.

Хрватска

Трет случај на заразен со новиот корона вирус е регистриран во Хрватска, соопштија властите. Лицето кое е заразено е сместено во болница во Риека. Се работи за маж кој работел во Парма во Италија, соопштија властите.

Грција

Позитивни се резултатите на корона вирус од примерокот на 38-годишна жена во Солун, со што е и потврден првиот случај на Covid-19 во Грција. Жената неодамна патувала во Италија, а е во добра здравствена состојба, како што соопшти портпаролот на грчкото Министерство за здравство и научен соработник во грчката Национална организација за јавно здравје, професорот Сотирис Циодрас.

Со одлука на министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас, се одложуваат и се отповикуваат редовните отсуства, слободни денови или одмори на вработените во болниците, здравствените установи, како и во министерството.

Словенија

Словенечкиот министер за здравство ја увери јавноста дека нема причина за тревога од појава на ширење на новиот корона вирус. Тој рече дека постои мало сомневање дека вирусот ќе се појави и во Словенија. Словенија досега не потврдила ниту еден случај на инфекција со новиот корона вирус, истакна министерот за здравство Алеш Шабедер на прес-конференција во Љубљана.

Досега единствените Словенци што се позитивни на вирусот е брачна двојка која се заразила на крузерот Дајмонд принцес вкотвен во Јокохама. Двојката е примена во болница во Јапонија.

Потврдени над 81.000 случаи на заразени со новиот коронавирус во светот

Потврдени се повеќе од 81.000 случаи на новиот коронавирус во 40 земји во светот, а Светската здравствена организација (СЗО) објави дека за првпат од избувнувањето на епидемијата, бројот на заразени лица надвор од Кина во еден ден го надмина бројот на заразени во Кина.

Според дневниот извештај на СЗО, Кина објавила 412 нови случаи, со 459 пријавени надвор од Кина.

Најголем број заразени лица во Кина се во провинцијата Хубеј, каде до синоќа беа пријавени 401 нови случаи. Пријавени се шест случаи надвор од континентална Кина, од кои четири се во Хонгконг.

Повеќе од половина од новите случаи надвор од Кина се пријавени во Јужна Кореја – 284 случаи.

Италија, со околу 447 заразени лица, побара меѓународна поддршка за напори за спречување на епидемијата на вирусот корона во државата.

Откриени се седум нови случаи на вирусна корона во Бахреин, што го зголеми бројот на заразени во земјата на 33, соопшти Министерството за здравство. Летовите до и од меѓународниот аеродром во Дубаи се прекинати за следните 48 часа, соопшти националната агенција за авијација Цивилно воздухопловство.

Емирот на Катар, Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани, нареди евакуација на државјаните од Катар и Кувајт од Иран, поради ширењето на коронавирусот.

Иранскиот претседател Хасан Рухани изјави дека Иран нема планови за карантин „градовите и окрузите“ како одговор на епидемијата во земјата, во која досега живот загубија 19 лица додека 139 се заразени.

Ирак ги забрани сите јавни собири и влез во земјата за патници од Кувајт и Бахреин поради страв од ширење на вирусот со што се зголеми бројот на земји од кои е забрането влегувањето во Ирак на девет, изјави министерот за здравство на земјата.

Во Норвешка е потврден и првиот случај на Covid-19, соопшти Норвешката агенција за јавно здравје, додавајќи дека заразеното лице е во изолација дома.

Грузија соопшти објави за првиот случај на заразен како и Пакистан, кој ги потврди првите два случаи.

Во Франција, бројот на заразени лица се искачи на 18, изјави францускиот министер за здравство.

„Нема епидемија во земјата, само изолирани случаи“, рече Оливие Веран за време на прес-конференција, додавајќи дека ќе бидат обезбедени 15 милиони заштитни маски.

Висок здравствен службеник додаде дека од 18 случаи, двајца починале, 12 биле излекувани, а четири се уште се во болница.

Пријавени се уште пет случаи на заразени на западниот и јужниот дел на Германија, со што бројот на заразени е околу 20, што значи дека болеста се пренесува во нова фаза, изјави министерот за здравство Јенс Шпан. Тој предупреди дека Германија е на почетокот на епидемијата на коронавирус.

САД ги советуваа своите граѓани да внимаваат кога патуваат во Иран, Италија и Монголија, предупредувајќи ги за ризикот од коронавирусот или нарушувања поврзани со напорите за контрола на ширењето на болеста.

Во Естонија е потврден првиот случај на заразен со новиот коронавирус.

Во Романија исто така, е потврден првиот случај на заболен од Covid-19.

Во меѓувреме, американската компанија за биотехнологија Модерна произведе експериментална вакцина за вирусот  и ја испрати до американските владини научници за тестирање.

Руски научници развија пет прототипови на вакцината против новиот коронавирус што се уште се во почетни фази на истражување, рече рускиот вицепремиер Татјана Голикова.

Таа рече дека Москва ќе ги прекине летовите меѓу Русија и Јужна Кореја од 1 март освен за летовите на авиокомпаниите „Аерофлот“ и „Аурора“. Голикова исто така рече дека Русија ќе престане да издава визи за иранските граѓани од 28 февруари и ги советувале Русите да не патуваат во Италија.

Коментирај