Интернет

Корона вирусот се користи за ширење на компјутерски вируси

31. јануари 2020 - 18:08 | Б.С.Б.

Хакерите ја искористуваат паниката во јавноста за зараза на компјутерите на корисниците кои онлајн бараат информации за вирусот.

Опасниот корона вирус, кој Светската здравствена организација го прогласи за глобална криза, бидејќи е потврдено дека се шири надвор од Кина, почна да предизвикува паника низ светот, а многубројни корисници на интернет пребаруваат информации за заштита, начини на ширење на вирусот, лекување и слични информации.

Хакери и сајберкриминалци ја искористуваат глобалната паника, а Bleeping Computer информира за зголемувањето на напади со цел заразување на компјутерите со вирус, кои се темелат на спам мејлови во кои се нудат детални информации за кинескиот корона вирус.

Голема хакерска операција со такви мејлови засега е забележана само во Јапонија, преку мејлови напишани на јапонски јазик со кој се шири вирус, но бидете сигурни дека сајберкриминалците од другите делови на светот набргу ќе почнат да го искористуваат корона вирусот за нивни акции.

Затоа, препораката е да не отворате мејлови во кои се нуди стопроцентна заштита од корона вирусот и слични, туку барајте информации на порталите на официјалните организации како Министерството за здравство, Светската здравствена организација или распрашајте се кај матичниот доктор.

Според досегашните совети, најдобар начин за заштита и превенција е миење на рацете и останувањето дома ако сте настинати. Кога станува збор за компјутерите и како нив да ги заштитите од вируси, советот е да не отворате сомнителни линкови во мејл или сандаче, ниту прикачувања од непознати испраќачи.

Коментирај