До првиот натпревар со Литванија во Скопје, избраниците на селекторот Јончевски ќе ги одработат планираните активности во СРЦ „Кале“.

Машката репрезентација на Македонија денеска во салата „Кале“ во Скопје ги почна подготовките за натпреварите кои следуваат во квалификациите за пласман на Евробаскетот 2025.
Селекторот Александар Јончевски стави 16 кошаркари на финалниот список за двете средби против селекцијата на Литванија, првиот на 21 ноември во Скопје, а вториот три дена подоцна на гостински терен во Клаипеда.
„Согласно со планираното, во салата СРЦ 'Кале', каде в четврток, од 18 часот ќе го играме натпреварот против репрезентацијата на Литванија, 'Црвено-жолтите' ќе одработат и одреден број на тренинзи“, информираше КФСМ.
Денеска кошаркатиоте тренираа од 13 часот. Во вторник следуваат уште два од 10:30, односно во 18 часот, а во среда нашите најдобри кошаркари ќе тренираат од 13 до 15 часот. Тренинг ќе има и на денот на првиот натпревар, в четврток од 10:30 до 11:30 часот.
На првиот собир во „Кале“, селекторот Јончевски откри дека репрезентацијата ќе биде драстично ослабена бидејќи покрај тоа што нема да може да смета на услугите на лидерот од претходните натпревари, Ненад Димитријевиќ, поради клупските обврски, дел од составот нема да биде ниту Андреј Магдевски.
Бекот на МЗТ ќе го пропушти овој натпревар поради повреда, а медицинскиот тим ќе се обиде да му помогне да ја надмине повредата за втората средба.
„Имавме разговор со Магдевски. За жал нема да настапи на првиот натпревар. Медицинскиот тим ќе се обиде да го приспособи да биде дел од тимот на вториот натпревар“, изјави селекторот Јончевски.
Изборот за натурализиран играч падна на Итан Хап, но и тој нема да биде дел од „Црвено-жолтиот“ состав. Крилниот центар ќе пристигне во Скопје денеска, а се очекува да биде дел од составот за вториот меч во Литванија.
Повикани играчи:
Војдан Стојановски – МЗТ
Дамјан Стојановски – МЗТ
Бојан Крстевски – МЗТ
Марин Петков – МЗТ
Андреј Маслинко – МЗТ
Андреј Магдевски – МЗТ
Дамјан Робев – Работнички
Стојан Ѓуроски – Работнички
Виктор Ефремовски – Работнички
Страхил Николов – ТФТ
Бобан Стајиќ – Пелистер
Кристијан Николов – Џеди Осман Академи (Турција)
Адем Мекиќ – Бора (Косово)
Лејсон Зеќири – Башкими (Косово)
Итан Хап – Валенсија (Шпанија)
Ненад Димитријевиќ – Олимпија Милано (Италија)
По две кола Македонија има скор 1-1, а по ноемврискиот прозорец ќе се знае на што сме во овие квалификации, во кои првите две места водат на завршницата, а Полска како домаќин автоматски е пласирана.
Табела: