Регион

Косовскиот вицепремиер Хоти гаѓан со јајца

22. февруари 2020 - 14:11 | МИА/КАЈГАНА

Косовскиот вицепремиер Авдулах Хоти денеска беше гаѓан со јајца во близина на објектот на Владата на Косово.

На видеото кое е објавено на социјалните мрежи и во некои медиуми, се гледа како кон Хоти, кој е придружуван од уште три лица, некој фрла две јајца и извикува „Таксата не смее да се укине“.

Нападот е реакција на намерата на новата косовска Влада, која ја води Албин Курти, а чиј прв потпретседател е Хоти, да ја укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, која во ноември 2018 година ја воведе претходната влада на Рамуш Харадинај.

Партијата на Хоти, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) го осуди денешниот напад, нарекувајќи го „низок чин, кој е неприфатлив и штетен за решавачките политички процеси низ кои поминува земјата“.

„Неприфатливо е враќањето на нашето општество во времето на такви напади, во 2015-2016 година, чија цел е стагнација и блокирање на државотворните процеси кои сме ги изградиле во партнерство со нашите меѓународни пријатели. Косово има потреба од мир, умереност и единство во градењето политики и водењето на земјата“, се вели во реакцијата на ЛДК.

Владата на Курти најави дека во блиска иднина, со цел да се обноват преговорите за решавање на спорните прашања меѓу Приштина и Белград, ќе ја укине таксата и наместо неа ќе воведе политички, економски и трговски реципроцитет кон Србија.

Против укинувањето на таксата се партиите од претходната владејачка коалиција, сегашната опозиција, а најгласни се Харадинај и неговата партија Алијанса за иднината на Косово (ААК).

Коментирај