Свет

Кратка историја на конфликтот помеѓу Северна и Јужна Кореја

2. мај 2018 - 19:12 | К.З.

Минатиот петок лидерот на Северна Кореја ја премина корејската демилитаризирана зона за да разговара со претседателот на Јужна Кореја за денуклеаризација и мир помеѓу двете држави. Но, пред оваа средба двете држави имаа конфликт кој траеше скоро 70 години.

Од 1910 до 1945 година Кореја беше под контрола на Јапонската империја по долг процес на интеграција кој започна со мировната спогодба помеѓу Јапонија и Кореја во 1876.

По настаните од Втората светска војна, Јапонија мораше да ги предаде сите територии, па САД и СССР мораа да одлучат што да прават со Кореја. Се решија да ја поделат на два дела, од кои САД ќе управува со јужниот, а СССР со северниот дел. Но по крајот на 1940-те, заканата од комунизмот беше во пораст и Студената војна ја достигна максималната моќ. Тоа доведе до тензија помеѓу двете новоформирани корејски држави кои се граничеа една со друга. Сингман Ри, анти-комунистички диктатор од југот, и Ким Ил Сунг, комунистички диктатор од северот решија воено да се пресметаат, и двајцата тврдејќи дека целосната територија на Кореја им припаѓа ним. Почнаа вооружени пресметки околу 38-та паралела со поддршка од нивните сојузници: САД и СССР. Пред да почне Корејската војна беа убиени 10.000 војници.

Војната започнува

На 25 јуни 1950 година, Северна Кореја ја окупираше Јужна Кореја и така започна вистинската војна. Северна Кореја со поддршка на СССР и Кина ја нападна Јужна Кореја, а ОН и нејзините членки почнаа да испраќаат помош во Јужна Кореја. Вкупно 21 земја беа на страната на Јужна Кореја, но САД беше најголем фактор во конфликтот, со тоа што понуди скоро 90% од наоружувањето и воениот персонал.

Иако САД никогаш не ја официјализираше воената активност во Кореја, сепак тогашниот претседател Хари Труман тогаш изјави дека комунизмот се заканува на слободниот свет, па затоа воените сили на САД ќе бидат испратени да дејствуваат во полза на Јужна Кореја. Одлуката не беше направена за да се обезбеди границата помеѓу двете Кореи, туку за да се спротивстават на комунизмот како движење.

Веќе во јули 1950 година силите на САД целосно беа внесени во борбата за Јужна Кореја, но севернокорејските сили беа далеку подобро подготвени и во секоја битка нанесуваа пораз на противниците. Американските војници полека умираа од дехидрација и опасни болести, па Јужна Кореја и САД беа на работ на пораз. За нивна среќа, во септември истата година во Битката на Инчон голем дел од севернокорејските сили беа пресретнати и избркани назад кон северот. Во пресметката влезе и Кина, чиј тогашен лидер Мао Це Тунг испрати воени сили да интервенираат бидејќи американската војска се приближуваше кон кинеската граница. Тој се закани дека ако американските сили се приближат премногу до кинеската граница, ќе објави војна на САД, а не на Јужна Кореја. За да се спречи Трета светска војна, претседателот Труман го отпушти тогашниот воен генерал Даглас Мекартур, со објаснување дека бил „премногу агресивен“. Во јули 1951 година Северна и Јужна Кореја почнаа разговори за примирје во селото Панмунџон. Но, преговорите останаа во мртва точка и битките продолжија и во наредните 2 години.

Потпишување на примирје

Конечно, на 27 јули 1953 година, двете страни потпишаа примирје. Беше означена нова граница помеѓу двете држави и беше поставена 3,5-километарска демилитаризирана зона (ДМЗ) помеѓу нив. И покрај запирањето на војната, официјална мировна спогодба никогаш не беше потпишана, така што војната се смета за активна до ден денес. Од почетокот на војната до моментот кога беше потпишано примирјето починаа скоро 5 милиони луѓе во конфликтот, од кои 2 милиони корејски цивили, 1,5 милиони комунистички војници, 400.000 севернокорејски војници, 40.000 американски војници и многу други.

Надеж за иднината

До денешен ден Корејскиот полуострове поделен на истиот начин како што беше во 1953 година. Поминаа скоро 70 години, но корејската ДМЗ и понатаму е обезбедена со војници од двете страни.

Но, минатиот петок, на 27 април 2018 година, лидерите на Северна и Јужна Кореја се сретнаа и разговараа за можноста да потпишат официјална мировна спогодба до крајот на оваа година. Корејската војна конечно би можела да заврши со почетокот на 2019 година, а со тоа би можеле да се родат уште огромен број нови можности на азискиот контитент.

Коментирај