По доаѓањето на власт на династијата Птоломеи во Александрија, тие одлучиле да стекнат престиж. А како тоа било можно? Со култура и акумулирање на знаење, па така била основана една од најелегантните установи во античкиот свет.
На почетокот на III век п.н.е., Египет бил една од културно најразновидните цивилизации чии поданици уживале огромно богатство. Главната причина за тоа било изобилството на земјоделски производи што се одгледувале во долината на Нил и што ги извезувале преку Средоземното Море. Дворот во тоа време се наоѓал во Александрија, од каде фараоните опкружени со хеленската елита – владееле со огромното мнозинство од египетското население.
Градот бил основан во 331 година п.н.е. од страна на Александар Македонски, а по неговата смрт и војната на дијадосите, владетел станал неговиот генерал Птоломеј I Сотер, кој ја основал Проломејската династија. Македонските фараони од Египет не се задоволувале само со материјално богатство, туку сакале и престиж - а едно од средствата за негово постигнување била културата.
Така, од III век п.н.е. Александрија станала најважниот културен центар. Писатели, научници и уметници се собирале на Птоломејскиот двор во потрага по книги, учители или разговори со други научници. Затоа со текот на времето го изградиле Музејот, т.е. „храмот на музите“ во близина на морето и недалеку од кралската палата - за да ги собере сите на едно место.
Во исто време кога ги привлекле на својот двор најталентираните научници од своето време, египетските владетели донеле уште една важна одлука: да ги соберат и зачуваат најважните научни и литературни дела од познатиот свет. Целта била да им се обезбеди материјал на научниците кои доѓале во Музејот, но имало и волја да се собере универзалното знаење - во сите дисциплини и од сите народи - за да се зачува за идните генерации.
Секако, не треба да мислиме дека Библиотеката била таква каква што ја сметаме денес, институција или приватен објект со единствена организација. Според експертите, таа бил повеќе интегрирана во рамките на Музејот и палатата, а книгите собрани од фараоните биле поставени на полици распоредени во просториите на овие градби.
Она што е сигурно е дека Птоломејците и нивните слуги собрале огромно количество книги кои во тоа време биле во форма на папируси. Забележано е дека основачот на библиотеката, Птоломеј I Сотер, си поставил за цел да стекне 500.000 исити, а ако му се верува на поетот и библиотекар Калимах Киренски, во еден момент ги имало околу 490.000. До времето на Јулиј Цезар, оваа бројка се зголемила на 700.000.
За да дојдат до овие бројки, Птоломејците напишале писма до бројни кнезови и градови барајќи од нив да им ги испратат делата на „поети или прозаисти, ретори или софисти, лекари и гатачи, историчари и сите останати“. А, пак од Атињаните било побарано да ги препишат трагедиите на Есхил, Софокле и Еврипид во замена за депозит.
Значајно е што Страбон, кога ги опишува Музејот и палатата во своето дело „Географија“, напишано на почетокот на I век од новата ера, не го спомнува постоењето на библиотеката.
Научниците собрани во Музејот во Александрија потрошиле многу време на зачувување, класифицирање и препишување на книгите во библиотеката. Потребно било да се подготват каталози на делата што се чувале таму, да се утврдат квалитетот, автентичноста и авторството и да се напишат биографиите на нивните автори.
Работата на библиотекарите била да се здобијат со најквалитетни текстови од најдобрите автори, да го изведат нивното критичко издание, а понекогаш и да го дополнат со коментари и воведи, граматички, лексички или метрички студии и да ги делат на папирусни ролни според содржината и должината. Потоа, според литературните жанрови се комбинирале делата на различни автори и се создавале каталози и хронологии.
Но, активноста на музејските научници во никој случај не била мирна бидејќи, како што дознаваме од некои од нив, тие биле изложени на озборувањата на нивните ривали, нурнати во комплицирани расправии и речиси секогаш на сметка на властите.
Оваа институција во Александрија не престанала да функционира дури и кога Египет паднал под Рим во 30 година п.н.е.. Библиотеката продолжила да привлекува научници долго време потоа, иако била уништувана за време на Цезар во 47 годин п.н.е., од страна на христијаните во 391 година и за време на муслиманското освојување на Александрија во 642 година.
На крајот, од Библиотеката не останало ништо, па по речиси илјада години од нејзиното формирање, таа исчезнала засекогаш. Наместо тоа, се родила легенда за место каде најучените луѓе го собрале сето знаење познато во тоа време и го проучувале.