Кристијано Роналдо, легендарниот португалски фудбалер би можел да се врати во шпанскиот фудбал, но овојпат во сосема нова улога.
Според информациите од шпанските медиуми, пренесени од француски Foot Mercato, Роналдо би можел да стане мнозински сопственик на Валенсија.
Роналдо, кој игра за Ал Наср од Саудиска Арабија, наводно веќе разговарал со Питер Лима, актуелниот сопственик на Валенсија, за можноста да го преземе клубот. Лим и Роналдо се долгогодишни деловни партнери и блиски пријатели, а Лим ги поседува правата на имиџот на Роналдо, според Foot Mercato.
Лим наводно сака да ги продаде сите свои акции на крајот на оваа сезона, а Роналдо е заинтересиран за купување. Португалската ѕвезда наводно планира да се врати да живее во Шпанија по завршувањето на неговата играчка кариера.
Она што може да ја олесни оваа трансакција е фактот дека Роналдо може да смета на значителна финансиска поддршка. Саудиските инвестициски фондови, поврзани со кралското семејство, наводно би покривале дел од трошоците за купување на клубот.
Овој потенцијален потег би означил пресвртница во кариерата на Роналдо, трансформирајќи го од играч во сопственик на клуб. Со оглед на неговата легендарна кариера во Реал Мадрид, каде постигна 450 гола на 438 натпревари, враќањето на Роналдо во шпанскиот фудбал во поинаква улога би предизвикало големо внимание.
Валенсија е голем шпански клуб кој шест пати бил национален шампион, осум пати го освојувал националниот куп и има еден шпански Суперкуп, додека во 2000 и 2001 година играл во финалето на Лигата на шампионите и загубил од Реал Мадрид (3:0) и Баерн (1:1, по пенали 5:4).
Основана е во 1919 година и своите домашни натпревари ги игра на стадионот Местаља, кој има 49.000 гледачи. Сингапурскиот милијардер Питер Лим го поседува од 2014 година. Навивачите се незадоволни од неговото раководење со клубот поради бројните промени на тренерот, трансферите на играчи и лошите резултати.