Македонија

Кривична пријава против повеќе лица за тешки кражби

1. ноември 2019 - 16:35 | МИА

Скопје, 1 ноември 2019 (МИА) – СВР Скопје, Одделението за имотни деликти Центар – Бит Пазар поднесе кривична пријава против Ш.Л.(26) од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека извршил три кривични дела „разбојништво“, казниво согласно чл.237 од Кривичен закононик на РСМ, при што се стекнал со противправна имотна корист од околу 36.576 денари.

Имено, првото кривично дело го извршил на 03.08.2019 околу 16.43 часот на бул.„Климент Охридски“, каде во продажен објект со закана одзел пари и предмети. Второто кривично дело го извршил на идентичен начин на 06.08.2019 околу 14.30 часот на ул.„Московска“ во продажен објект, при што одзел пари и предмети, а третото кривично дело го извршил 06.08.2019 околу 23.25 часот на ул.„Франклин Рузвелт“, при што во продавница со закана одзел предмети и пари. Воедно, врз основа на судска наредба бил извршен претрес на дом и други простории кај пријавениот каде биле пронајдени предметите кои потекнуваат од кривичното дело.

СВР Скопје ќе поднесе кривична пријава против А.Р.(25), А.С.(25) и М.А.(24), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека извршиле едно кривично дело „тешка кражба“ и едно кривично дело „кражба“. Исто така, Одделението за имотни деликти и малолетничка деликвенција Чаир ќе поднесе кривична пријава против А.А.(23), Г.Р.(19) и Б.Ј.(26), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека извршиле едно кривично дело „кражба“.

Пријавените А.Р., А.С. и М.А. кривичното дело „тешка кражба“ го извршиле на 24.10.2019 во продавница на бул.„Трета македонска бригада“, при што одзеле производи. Веднаш потоа, во продажен објект на ул.„Македонско – косовска бригада 1“ го извршиле кривичното дело „кражба“, каде што одзеле производи, со што се стекнале со противправна имотна корист.

Пријавените А.А., Г.Р. и Б.Ј. кривичното дело „кражба“ го извршиле на 21.10.2019 во продавница на ул. „Македонско – косовска бригада 1“ во Скопје, каде што одзеле производи, стекнувајќи се со противправна имотна корист. Веднаш по пријавување на кривичните дела биле преземени мерки и лицата биле пронајдени, а украдените предмети им биле одземени. Во разговор со полициски службеници тие ги признале делата.

Коментирај