Основното јавно обвинителство – Битола поднесе обвинителен предлог против едно лице за продолжени кривични дела „загрозување на сигурноста и неизвршување судска одлука, како и телесна повреда“.
– Лицето на возраст од 31 година е обвинето дека во периодот од 18 октомври до 1 декември 2019 година, во осум наврати, при вршење семејно насилство и со закани, ја загрозил сигурноста на оштетената – негова сопруга, информираат од Обвинителството.
Оттаму велат дека обвинетиот продолжил да ја пресретнува и да ѝ се заканува на оштетената иако со правосилното решение на Основниот суд Битола од 20 ноември 2019 година му биле изречени привремени мерки на заштита и тоа: забрана да се заканува дека ќе стори семејно насилство кон оштетената, забрана да ја малтретира, вознемирува, телефонира, контактира и забрана да се приближува на растојание помало од 100 метра до работното место на оштетената.
– На 28 ноември минатата година, ја пресретнал оштетената, ѝ го одзел мобилниот телефон, ја удрил со шлаканици и клоци и започнал да ја трга за раката. Оштетената паднала на земја и се здобила со телесна повреда – набиеници во пределот на лицето, левата рака и телото. Ценејќи ги сите околности во предметот, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Битола поднесе и Посебен предлог за определување мерка притвор за обвинетиот, велат од Основното јавно обвинителство- Битола.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.Д.(50) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 04.01.2020 околу 17.30 часот на ул.„Тоде Мендол“ во Куманово, во семејната куќа, З.Б. (38) од Куманово, по претходна расправија, физички ја нападнал Д.Д (50).
СВР Куманово поднесе кривична пријава против В.И.(30) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 08.01.2020 околу 18.00 часот на ул.„Ѓорче Петров“ во Куманово, во семејната куќа, В.И. физички ја нападнал неговата сопруга.