Хроника

Кривична пријава за пет тинејџери што ограбувале продавници во Скопје

14. февруари 2018 - 11:28 | Макфакс

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Ф.Д. (19), С.Н. (18), А.М. (17), С.К. (18) и М.Џ. (18), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека во текот на јануари и февруари годинава извршиле седум кривични дела разбојништво.

Првите две се случиле на 20 јануари во продавница на улицата Козле 1 во Скопје, каде што со закана со бејзбол-палка и нож од вработените го одзеле дневниот промет од 16.500 денари, а втората во маркет на улицата Рузвелтова во Скопје, каде што со закана со бејзбол-палка одзеле околу 30.000 денари и 30 кутии цигари.

На 29 јануари околу 21:55 часот во самопослуга на улицата 1 во Ново Село, Скопско, пријавените на идентичен начин од вработената го одзеле дневниот промет од 11.000 денари. Потоа, следниот ден околу 20:45 часот во продавница во село Радишани, Скопско, со закана со бејзбол-палка од вработената го одзеле дневниот промет од 26.000 денари. На 3 февруари околу 19:30 часот во минимаркет во селото Визбегово, Скопско, со закана со бејзбол-палка и нож од вработената го одзеле дневниот промет од 30.000 денари и неколку кутии цигари, а пет дена подоцна, односно на 8 февруари околу 20:30 часот извршиле разбоjништво во продавница на улицата Борис Сарафов, од каде што го одзеле дневниот промет во висина од 20.000 денари. На 10 февруари околу 18:30 часот во продавница во Радишани, Скопско, пријавените со закана со пиштол од вработената го одзеле дневниот промет од 20.000 денари.

На 11 февруари во 16:30 часот биле извршени претреси во домовите на Ф.Д., С.Н., А.М. и М.Џ. При претресите кај првите тројца биле пронајдени предмети од интерес на истрагата. Потоа, пријавените биле приведени и задржани во Полициската станица Карпош, каде што во службен разговор ги признале делата.

Коментирај