Денеска, Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, Единица за корупција, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција, поднесе кривична пријава против 29-годишната Бесија Иљази од Тетово поради постоење основано сомнение дека сторила кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето, предвидено и казниво по член 353 ст. 3 вв ст. 1 од Кривичниот законик.
Пријавената Б.И. во својство на в.д. организациски директор на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за токсикологија, пречекорувајќи ги своите службени овластувања во периодот од 14.2.2024 до 24.6.2024, а со намера да овозможи противправна имотна корист за 17 лица, на 15.5.2024 склучила 15 договори за дело со 15 лица, кои биле работно ангажирани на Универзитетската клиника за токсикологија (и други лица без регулиран правен основ за нивно присуство на Клиниката), по што, ретроактивно, за лицата наводно работно ангажирани, за април и мај 2024 година издала два платни налога и извршила исплата на месечен надомест на 31.5.2025 и 14.6.2024 за наводниот работен ангажман во вкупен износ од 659.781 денар, со вклучен персонален данок на доход.
Наведените исплати се извршени противправно за периодот кога со овие лица Клиниката немала склучено договори за дело и за периодот на избори, односно исплатите биле извршени спротивно на наведените законски одредби, при што за наведените исплати бил пресметан и исплатен персонален данок во износ од 23.334 денари за април и 42.647 денари за мај 2024 година, со што пријавената Б.И. ја оштетила ЈЗУ Универзитетска клиника за токсикологија за вкупен износ на извршените исплати со платен данок од 659.781 денар овозможувајќи им противправна имотна корист на претходно наведените лица во поединечни износи како претходно наведените месечни плаќања.
Имено, пријавената Б.И., иако знаела дека истиот ден кога е назначена за в.д. организациски директор во ЈЗУ Универзитетска клиника за токсикологија, се распишани претседателски и парламентарни избори, како и дека во согласност со член чл. 34 ст. 1 алинеа 3 од Законот за спречување корупција и судир на интересите, член чл. 8а ст. 1 алинеа 3 од Изборниот законик, како и член чл. 109 ст. 2 од Законот за здравствената заштита, таа не смее да склучува договори за вработување лица, договори за дело за работно ангажирање лица, како и вонредни исплати за време на избори и дека, за да бидат употребени во правен промет, тие задолжително треба да бидат потпишани од двајца директори, таа сепак склучила 15 договори за дело.
Исто така, на Б.И. ѝ било познато дека од страна на в.д. медицинскиот директор на ЈЗУ Клиника за токсикологија, на 28.3.2024 година се известени сите работници на Клиниката, чии договори се истечени, дека нивните обврски со Клиниката се завршени сѐ до нивно повторно ангажирање во согласност со забраните предвидени во член од Изборниот законик, но и покрај тоа, 11 здравствени работници со знаење на пријавената и без склучен договор за вработување или договор на дело продолжиле да доаѓаат на работа во Универзитетска клиника за токсикологија.
Во согласност со наведеното, пријавената извршила службени дејства што не смеела да ги изврши, односно Б.И. сторила кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето по чл. 353 ст. 3 вв. 1 од КЗ оштетувајќи ја Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за токсикологија за износ 659.781 денар.