Останати спортови
RED BULL CRASHED ICE/ICE CROSS DOWNHILL WORLD CHAMPIONSHIP/CANADA/EDMONTON

Кроксал се врати на тронот, иако Далаго славеше на екстремниот спуст со лизгалки во Канада

13. март 2018 - 9:55 |

Канаѓанецот Скот Кроксал ја освои титулата во светското првенство за екстремен спуст со лизгалки, финиширајќи на солидното четврто место во финалето возено под енормен притисок, каде што Австриецот Лука Далаго ги освои врвните почести за втората победа во трките од сезоната 2017/18.

Во драматичниот финиш од осумнаесеттата сезона во најбрзиот спорт на лизгалки во светот, бранителот на титулата, Американецот Камерон Неш беше елиминиран во полуфиналната трка поради судир со Австриецот Марко Далаго, во тесниот свиок набрзо по стартот на 455 метри долгата патека во Едмонтон, Канада. Така Неш мораше да го прифати разочарувачкото петто место во трката кое што беше доволно за второто место во генералниот пласман. За Скот Кроксал ова е втор светски шампионски наслов, во спортот каде што натпреварувачите постигнуваат брзина до 80 километри на час при спустот по замрзнатата патека исполнета со разни пречки, и со висинска разлика од 40 метри меѓу стартот и целта. Зад победникот Лука Далаго во трката, како втор финишираше Американецот Максвел Дан, додека трет беше Канаѓанецеот Кајл Кроксал.

Американката Аманда Транзо ја освои титулата во женска конкуренција каде што конкуренцијата рапидно се засилува, но таа оствари убедлив триумф во трката, пред Канаѓанката Илејн Тополниски на второто место и Французинката Сандрин Ранжон на третото место. Досегашната светска првенка, Жаклин Лежер од Канада, го освои петтото место пред своите сонародници откако во полуфиналето имаше тежок пад поради кој што беше елиминирана од понатамошното натпреварување.

Кроксал уште претходно се зарече дека ќе ја освои титулата во светското првенство познато како Red Bull Crashed Ice, откако минатите две сезони беше сведок на доминацијата на неговиот голем ривал Камерон Неш. Безстрашниот лизгач од Канада беше пример за постојаност во резултатите бидејќи три пати се најде на подиумот во четирите трки од светското првенство, но исто така тој го освои и првото место на трката возена во Блумингтон, Минесота, која е дел од „Купот на лизгачите“ (каде што се добиваат четири пати помалку бодови отколку на трките Red Bull Crashed Ice).

„Ќе направам голема прослава за овој успех! Возбуден сум. Навистина сум среќен што повторно ја освоив светската титула“, рече Кроксал уживајќи во бодрењето на огромната публика од сонародници во Едмонтон, чие што навивање еруптираше со силни извици кога Неш неочекувано беше елиминиран во полуфиналето, бидејќи според правилата само најбрзите двајца од четирите учесници во секоја трка продолжуваат во следната рунда. Во текот на оваа сезона Кроксал собра вкупно 2.745 поени во текот на сите 10 трки од двете натпреварувања во екстрамниот спуст на лизгалки.

Камерон Неш заврши со 145 поени помалку од Кроксал, односно со вкупно 2.600 поени, но за да ја освои титулата по трет пат ќе му требаше победа како пред три години кога на истото ова место го забележа првиот триумф против Канаѓанецот. Американецот беше на добар пат да избори пласман во фиалето и уште еднаш да го предизвика на двобој неговиот ривал за титулата, но борејќи се за водство во полуфиналната трка по брилијантниот старт, тој се судри со Марко Далаго, кој инаку беше трет во генералниот пласман и чии шанси за титулата испарија во истата секунда кога се судрија со Неш. Тоа му овозможи на Скот Кроксал и на неговиот постар брат Кајл Кроксал да направат предност и да одлетаат во финалето.

„Имам чувство дека добро се натпреварував овде, па баш е несреќно што излезе така како што излезе“, изјави Неш кој и покрај победите на трките во Франција и Австрија оваа година имаше неколку малери кои што доведоа до негови падови во две други трки каде што беше во водство.

Победата на Лука Далаго беше круна на неговата најсилна сезона досега, бидејќи тој победи и на трката од Red Bull Crashed Ice возена во Јиваскила, Финска, оправдувајќи ја улогата како еден од најголемите надежи во овој спорт. Во генералниот пласман Лука Далаго стигна до третото место, излегувајќи и пред постариот брат Марко кој беше светски првак во 2014 година.

Ова беше магична година и за Американката Аманда Транзо која што лани беше втора во генералниот пласман зад Канаѓанката Жаклин Лежер, но меѓу двете сезони работеше исклучително напорно за да се подобри во своите настапи. Таа беше класа, сама за себе оваа година, победувајќи на три од вкупно четири трки во Red Bull Crashed Ice.

Финскиот лизгач Мирко Лахти, победи и на четвртата трка оваа сезона и по втор пат ја освои титулата во младинска конкуренција за лизгачи од 16 до 21 година, па од идната сезона преминува да се натпреварува кај сениорите.

Резултати (мажи): 1. Лука Далаго (Австрија), 2. Максвел Дан (САД) 3. Кајл Кроксал (Канада), 4. Скот Кроксал (Канада), 5. Камерон Неш (САД), 6. Марко Далаго (Австрија), 7. Џим Де Паоли (Швајцарија), 8. Тајлер Вити (САД), 9. Килијан Браун (Швајцарија), 10. Мајкл Јулијанело (САД).

Резултати (жени): 1. Аманда Транзо (САД), 2. Илејн Тополниски (Канада), 3. Сандрин Ранжон (Франција), 4. Анис Моран (Швајцарија), 5. Жаклин Лежер (Канада), 6. Макси Планте (Канада), 7. Тамара Каџа (Канада), 8. Алисија Бломберг (Канада), 9. Миријам Трепание (Канада), 10. Јунко Јамамото (Јапонија).

Коментирај