Останати спортови
МОТО ГП

Куартараро ќе го замени Роси во Јамаха

29. јануари 2020 - 13:24 | Ф.З.

За ветеранот Валентино Роси ова ќе биде последната сезона во тимот на Јамаха бидејќи од наредната тој ќе биде заменет со францускиот талент Фабио Куартараро.

Синоќа Јамаха го продолжи договорот со Маверик Вињалес до крајот на 2022 година, а денеска објави дека од наредната сезона нему нема повеќе да му прави друштво Валентино Роси туку колега ќе му биде Фабио Куартараро.

Французинот со италијанско потекло има само 20 години, дупло помлад од 40-годишниот Роси, а вози за тимот на Петронас. Тоа е всушност сателит тим на Јамаха на кој Куартараро му се приклучи во 2019 која и беше прва сезона за него во Мото ГП. Во генералниот пласман лани заврши петти, имаше 6 пол позиции и 7 пати заврши на подиумот, но никогаш не победи.

Сега останува нејасна судбината на седумкратниот шампион Валентино Роси кој и натаму има желба да вози. Неодамна за La Gazzetta dello Sport изјави дека не би му сметало доколку во иднина се префрли да вози за сателит тим. Веројатно тоа и ќе се случи, ќе отиде во Петронас каде партнер ќе му биде сонародникот Франко Морбидели.

Коментирај