Вести

Куќата на љубовниците во Помпеја се отвора за посетители по 40 години

19. февруари 2020 - 16:30 | А.С.

Спектакуларниот проект за реставрација во Помпеја даде резултати – јавноста конечно ќе може да ја посети славната Куќа на љубовниците за првпат по 40 години.

Градбата е една од најпопуларите атракции во Помпеја, древниот град во Италија што бил затрупан по ерупцијата на вулканот Везув во 79 година.

Локалитетот беше затворен за посетители во 1980 година откако беше оштетен во силен земјотрес, а сега повторно ќе биде отворен како дел од проектот Величествената Помпеја што почна во 2014 година со цел да се реставрира и зачува древниот град.

Досега се потрошени околу 105 милиони евра на реставрацијата на локалитетот, соопшти италијанското Министерство за култура, а се очекува да се вложат уште 50 милиони евра за да може да се продолжи со работа.

„Помпеја е приказна за преродувањето и искупувањето, пример за цела Европа во поглед на менаџирање на заедничките средства“, вели Дарио Франческини, италијанскиот министер за културно наследство и активности и туризам.

„Место каде продолжија истражувања и почнаа нови археолошки ископувања благодарение на долгата и ненаметлива работа на бројни професионалци во оваа област кои придонесоа за неверојатните резултати што може да ги посведочиме и се гордост за Италија“, рече тој.

Куќата на љубовниците го доби името по натписот на градбата кој гласи: Amantes, ut apes, vitam melitam exigunt, што значи „Љубовниците, исто како пчелите, водат живот сладок како мед“.

Археолозите ја ископаа куќата во 1933 година и ја најдоа во неверојатно добро зачувана состојба, вклучувајќи ги украсите и цртежите на ѕидовите. Наскоро куќата ќе биде отворена за посетители, заедно со уште две други -  European Ship House и House of the Orchard.

Масимо Озана, директор на Археолошкиот парк Помпеја, рече дека пред нив се „нови и важни предизвици во поглед на заштита, проширување на знаењата и засилување на ископувањата на оваа територија“.

Тој исто така објави фотографии од реставрирањето на Instagram.

Археолозите продолжуваат да работат на откривање на уште тајни во Помпеја, каде во изминативе неколку години беа најдени низа неверојатни откритија.

Во јануари годинава, научници објавија студија чии резултати покажаа дека жештината од ерупцијата на вулканот Везув била толку екстремна, што го претворила черепот на една жртва во „супстанца слична на стакло“. Со анализа на јагленосано дрва од времето на ерупцијата, научниците утврдија дека температурата се искачила до 520 степени Целзиусови. Научниците сметаат дека екстремната жештина го запалила масното ткиво во телото на човекот, го преворила мекото ткиво во пареа и ги претворила протеините во главата во супстанца слична на стакло.

Коментирај