Регион

Куп нови забрани за туристите во Италија, дури и за седење на скали

8. август 2019 - 10:42 | Ф.З.

Туристите во Рим неделава се непријатно изненадени откако полицајци ги стануваат од познатите Шпански скали кои го красат Рим од 18-тиот век. Затоа што италијанската престолнина има нов закон со кој повеќе не е дозволено седење на скалите на спомениците, разладување во фонтаните и шетање низ градот без маица.

136-те скалила кои водат до црквата Тринита деи Монти е одамна под заштита на УНЕСКО, но и долго време е омилено место за одмор на уморните туристи кои за време на прошетката низ градот милуваат да седнат на нив, а особено за време на зајдисонцето. Ги изградил архитектот Франческо Де Санктис помеѓу 1723 и 1726 година, додека славниот италијански бренд Bulgari во 2016 ја финансираше нивната обнова која чинеше 1,5 милиони евра.

Полициската акција за бркање на туристите кои седат на скалите е плод на градската власт која во јуни донесе куп ниви правила вклучувајќи и забрана за „неуредно јадење“ на скалите, шетање без маица и скокање во фонтаните. Меѓудругото, на туристите од сега им е забрането и да влечат куфери и торби со тркалца по скалите, како и колички.

Отсега седењето на едно скалило може да ве чини казна од 250 евра, а ќе мора да полатите 400 евра доколку ги испрљате или оштетите.

„Убаво е да се заштитат спомениците и нормално да не се јаде на скалите, но да се забрани да се седнува на нив е навистина претерано. Мислам дека одлуката е во фашистички стил која локалната самоуправа ќе биде присилена да ја преиспита“, коментираше поранешниот заменик министер за култура Виторио Згарби.

„Согласни сме дека луѓето не треба да кампуваат и да јадат на скалите бидејќи на тој начин прават ѓубре. Но, да правите криминалци од луѓето затоа што седнале на скала, особено кога се во прашање постари лица, е претерано“, додаде Томазо Танѕили, директор на здружението на римските хотелиери.

Слични мерки се на сила и во Венеција каде полицајци патролираат околу плоштадот Сан Марко и останатите споменици. Минатиот месец двајца германски туристи морале да платат казна од 950 евра и дополнително биле протерани од градот бидејќи вареле кафе на „плинско“ додека седеле на скали на познатиот мост Ријалто. Тоа е малку ако се спореди со казната од 6 илјади евра која ја платила германската манекенка Хајди Клум која со новопечениот сопруг два дена по венчавката на островот Капри запливале во тамошната Сина пештера.

Од останатите нови правила подложни на казни туристите мора да запомнат дека не смеат со уста да ги допираат славините од кои тече водата за пиење во фонтаните. И за тоа се плаќа казна. Ќе ви напишат казна и доколку се возите со јавен превоз и притоа пеете, а сте под дејство на алкохол. Во Венеција забрането е да се брцаат нозете во каналите низ градот, нешто што илјадници туристи милуваа да го прават за да се разладат. Исто така повеќе не смее да се хранат гулабите. На плажата Ераклеа во близина на Венеција не смее да правите кула од песок, а на Капри не смеете да носите обувки кои произведуваат звук при од. Притоа не се мисли на кломпите, тие се забранети уште од 1960 година.

Коментирај